Прекрасното езеро на илјада острови

12.05.2013

Езерото Цијандао (Qiandao) или попознато како Езеро на илјада острови, се наоѓа во провинцијата Жеџијанг во Кина, на околу 150 километри од градот Хангжу. Тоа всушност е вештачко езеро формирано со изградба на хидроцентралата Џинан во 1959 година. Хидроцентралата е изградена поради растот на населението во градот Хангжу и неговите потреби за електрична енергија и вода за пиење. За таа цел кинеската влада одлучила да ја поплави долината на реката Џинан во подножјето на планината Ву Ши. Во самата долина се потопени два антички града од кои многу интересен е Ши Ченг. Овој град е основан околу вториот век наша ера од Источната династија Хан и бил центар на политичките, економските и културните случувања во тоа време. Денес се наоѓа на длабочина од 26 до 40 м. Покрај двата антички града, со формирањето на езерото се потопени уште 27 други градови, 1377 села, 50.000 хектари обработливо земјиште и илјадници домови, а биле преселени и околу 290.000 луѓе.

Инаку, езерото има површина од 573 км кв. и волумен од 17.8 км кубни. По неговото формирање настанале 1078 големи и неколку илјади помали островчиња чија вкупна површина е 86 км кв. Браната на езерото е висока 105 метри, а долга 466,5 метри. Тоа е прва брана изградена во Кина, повисока од 100 м. Хидроцентралата под браната има капацитет на производство на електрична енергија од 845 мегавати. Циандао е познато по својата бистра и чиста вода која понекогаш може да се користи директно за пиење, а од неа се произведува и познатата минерална вода Нонгфу. Околината на езерото е богато со бујна и разновидна шума, а егзотичните острови (Змискиот остров, Островот на птиците, Островот на мајмуните и др.) во последно време стануваат голема туристичка атракција.
На 18 септември 2001 година од локалниот нуркачки клуб за прв пат се посетени потопените градови кои сеуште биле во многу сочувана состојба. Во иднина се планира туристичка посета со подморници до овие подводни локалитети. Од 2002 година се работи на реализирање на идеите за архимедов тип на мост и на тој проект веќе работат седум земји вклучувајќи ги Норвешка, Јапонија, Швајцарија, Бразил и САД. На 7 јануари 2011 првпат се истакнати сликите од потопените градови за јавноста и биле испачатени во локалното списание што предизвикало огромно внимание. Ова езеро како што рековме нуди незаборавен одмор, искуство со тамошниот народ и нивната животна филозофија. За таа цел се нудат луксузни хотели од висока класа како што е хотелот Шератон, потоа хотели во традиционален кинески стил, а се издаваат и локалните куќи. Локалната власт веќе врши продажба на дел од островите.

Извори:

http://en.wikipedia.org/wiki/Qingdao
http://www.amusingplanet.com/2012/05/qiandao-lake-thousand-island-lake-and.html
http://www.starwoodhotels.com/sheraton/property/overview/index.html?propertyID=3245
http://www.travelchinaguide.com/attraction/zhejiang/hangzhou/qiandaohu.htm

Подготвиле: Дејан Зафировски и д-р Ивица Милевски

 

Оваа статија е прочитана 6253 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *