02.12.2011.
Пребарувајќи разни интернет ресурси, ја презентираме листата на 10-те најкатастрофални (со најмногу жртви) земјотреси во Светот, во последните 500 години, односно од 1500 година до денес. Листата е ваква:
1. 1556 година, Шанкси, Кина
Најкрвавиот земјотрес на сите времиња е еден од најмалку познатите, со оглед на тоа се случил пред речиси 450 години. Епицентарот бил во провинцијата Шанкси во Кина, а според проценките, во овој земјотрес од 1556 година, загинале околу 830.000 луѓе. Зошто толку голем број на жртвите? Виновна е силата на земјотресот (8,0 степени според Рихтерова скала), како и времето и локацијата. Старовремските живеалишта и градежни структури, биле премногу слаби за таков силен земјотрес, а покрај тоа дошло и до масовно лизгање на земјиштето, предизвикувајќи уште повеќе жртви. Всушност, огромна област со пречник од околу 800 километри била целосно збришана.
2. 1976 година, Тангшан, Кина
Кина имала несреќа да го почувствува вториот најкрвав забележан земјотрес и тоа оној од 1976 година во областа Тангшан, кој го погоди североисточниот дел на земјата. Би било поточно да се нарече двоен земјотрес: афтершокот што го погоди подрачјето 16 часа по првиот потрес имаше иста сила од 7,8 степени според Рихтеровата скала и беше еднакво деструктивен. Смртните случаи веројатно никогаш нема прецизно да бидат утврдени – првичните извештаи говореа за речиси 700.000 жртви, но подоцна бројката беше ревидирана на околу 250.000. Уште понеразбирлива беше одлуката на кинеската влада да не прифати никаква меѓународна помош за справување со последиците од земјотресите.
3. 2004 година, Суматра
На 26 декември 2004 година, земјотрес со разорна сила од 9,2 степени по Рихтер го потресе дното на Индискиот Океан, ослободувајќи енергија еднаква на онаа на 23.000 атомски бомби. Најголемиот земјотрес во последните 40 години, наречен Суматра-Андаман земјотрес (поради епицентарот кој беше во близина на западниот брег на индонезискиот остров Суматра) предизвика цунами во Индискиот Океан, испраќајќи серии на бранови високи до 50 метри, кои се разбиваа врз бреговите на 11 земји. Некои луѓе беа збришани во морето, додека други се удавија во своите домови, не можејќи да избегаат. Според Американскиот геолошки Институт, официјалната бројка на загинати е 227.898.
4. 1920 година, Хаијуан, Кина
На 16-ти декември 1920-та година, земјотресот во Хаијуан со јачина од 7,8 степени степени според Рихтеровата скала – предизвика реките да го сменат правецот и предизвика свлечишта од колосални размери. Уништувањето се прошири преку седум кинески провинции. Суџиахе, град во во провинцијата Ксиџи, беше целосно затрупан по лизгање на земјиштето. Се проценува дека 200.000 лица загинаа во несреќата, која се почувствувала далеку дури до Норвешка.
5. 1923 година, Канто, Јапонија
Непосредно пред пладне на 1 септември 1923 година, земјотрес со јачина 7,9 степени според Рихтеровата скала предизвикал бранување на подлогата на градското подрачје Токио-Јокохама. Силните потреси оставиле само мал дел неоштетени згради и предизвикале цунами високо до 12 метри. Штетите продолжувале со денови: веќе до моментот кога почнале пожарите предизвикани како последица на земјотресот, според проценките биле уништени или значително оштетени 90% од зградите во Јокохама и околу две петини од објектите во Токио, оставајќи половина од населението без домови. Речиси 143.000 лица ги загубија животите.
6. 1948 година, Туркменистан
За само неколку минути, силниот октомвриски земјотрес од 7.3 степени по Рихтер, го претвори градот Ашхабат во купишта урнатини. Илјадници Советски лекари, медицински сестри и друг медицински персонал од Москва и други градови, се слетаа за помош на настраданите во денешен Туркменистан. И покрај нивните напори, 110.000 луѓе загинаа.
7. 2008 година, провинција Сечуан, Кина
Над 87,00 лица загинаа во смртоносниот земјотрес во Кина од 2008 година, а се проценува дека 10 милиони биле оставени без покрив над главата. Земјотресот со јачина од 7,9 степени по Рихтер, ја погоди планинската провинција Сечуан во западна Кина, уништувајќи милиони згради и предизвикувајќи штета од околу 86 милијарди долари. Речиси 10.000 деца загинаа во училиштата – затрупани под урнатините на сурнатите згради – што доведе до јавна осуда и владина истрага, која покажа дека барем 20% од основните училишта биле лошо изградени и небезбедни. Почетните повици на тажните родители за правда, сепак, во голема мера се замолчаа со заплашување и наводни исплати на штети.
8. 2005 година, Кашмир, Индија
Кашмир, местото на долготраен и насилен граничен спор меѓу Индија и Пакистан ионака веќе измачен, претрпе голем земјотрес на 8 октомври, 2005 година, што додаде нови проблеми на покраината. Земјотресот со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала, уби 79.000 луѓе и остави милиони бездомници. Далечниот планински терен имаше дополнителни проблеми за спасување и за обновување, како и проблеми екипите да стигнат до повредените.
9. 1908 година, Месина, Италија
Според денешните стандарди, земјотресот што на 28 декември, 1908 година го погоди протокот Месина – кој ги дели Сицилија и Калабрија – бил со јачина од 7,5 степени по Рихтер. А потоа настапило цунами со бранови високи до 12 метри, кои со сета силина удриле на италијанскиот брег. Повеќе од 80.000 лица загинале, а десетици градови биле уништени. Бегалците од Месина биле преместени по градови низ Италија. Многу од нив на крај со бродови биле префрлени во Северна Америка, како оние со бродот Флорида – кој, пред да стигне до Њујорк, се судрил со друг брод, при што загинале троица веќе трауматизирани италијански патници.
10. 1970 година, Чимботе, Перу
Големиот земјотрес во Перу од 31 мај 1970, го погодил крајбрежниот град Чимботе со јачина од 7,9 степени според Рихтеровата скала. Епицентарот на земјотресот бил далеку 25 километри од градот, во Тихиот Океан, но во несреќата загинале околу 70.000 луѓе, а повеќе од 800.000 останале без своите домови. Огромни свлечишта кои при тоа се активирале, по падините на планината Навадо Хуаскаран, носеле карпи и земја со брзина од 300 км/ч, уништувајќи цели села. Потреси се почувствувале дури до Лима – оддалечена околу 600 километри.
Подготвил: д-р Ивица Милевски