Фасцинантната Болова пирамида (Ball’s pyramid)

31.03.2013

Болова пирамида е осамениот камен столб кој се издигнува во јужниот дел на Тихиот Океан и претставува највисокиот камен столб во светот. На географската карта речиси не се приметува точката што ја означува Боловата Пирамида. Оние што лично се сретнале со големата карпа, одвај им поверувале на своите очи. Овој столб е толку висок што изгледа како да го допира небото. Таа во подножјето е долга 1100 м, широка само 300 м, а достигнува височина од 562 м или двојно повеќе од Ајфеловата кула.

Боловата Пирамида се наоѓа крај источниот брег на Австралија, околу 700 км североисточно од Сиднеј. Самостојниот летач Френсис Чичестер (Frensis Chishester), ја видел големата карпа во 1931 година за време на својот лет преку Тасманија и ја опишал како “широк дамнешен камен бодеж”. Но, овој голем столб своите тајни не ги открива при набљудување од небото, туку од морето. Пирамидата е всушност одамна згаснат вулкан чиј врв останал над водата. Тоа е само еден од низата вулкани згаснати пред околу седум милиони години. Оттогаш морето војува со таа камена маса што се пробила низ неговите длабочини.

Првиот човек за кој се знае дека ја видел оваа карпа бил Хенри Лидберг Бол, капетан на бродот “Саплај”, кој тука поминал во 1788 година превезувајќи доселеници на островот Норфолк. Карпата во форма на пирамида, Бол ја нарекол по себе. Веќе два века Боловата Пирамида им се спротиставува на човековите „напади“. На неа нема залив или плажа каде што би можеле да застанат чамците. Некој Боловата Пирамида ја опишал како “Австралиски Еверест” и дека ќе остане неосвоена. Но во 1965 година Брајден Ален и Џон Дејвис ја повеле австралиската екипа до нејзиниот врв. Во последните 60 м речиси се откажале, бидејќи парчињата од карпата стоеле едно врз друго во многу кревка рамнотежа, така што некои од нив при самиот допир се сурнувале во морето. Само уште малкумина други планинари успеале да се качат на карпата и да го погледнат морето од врвот, а искачувањето подоцна било целосно забрането поради заштита на карпата. Денес Боловата Пирамида припаѓа на светско културно наследство и е запишана во Гинисовата книга на рекорди како нјависока природна кула во светот.

Подготвиле: Оливер Недановски и Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 4881 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *