15.08.2012
Водопадите се меѓу најатрактивните природни појави кои многу одамна го привлекуваат вниманието на човекот. На Земјата има илјадници водопади: некои се тектонски, други ерозивни, а некои пак настанале со создавање на преграда од акумулиран или исталожен материјал. Ги има големи и мали, постојани, периодични и повремени, каскадни и други. Поради наведеното, сеуште има различни мислења околу тоа кој е најголемиот, најмоќниот и најспектакуларниот водопад во светот.
Според количеството на вода и големината на водената завеса, за најголем водопад на светот обично се сметаат Викториините водопади на реката Замбези во Африка. Викториините водопади лежат на границата помеѓу Замбија и Зимбабве. Замбијците ги викаат „Моси оа Туња“, односно „чадот што грми“, додека во Зимбабве се познати само како Викториини водопади. Со широчина од 1,7 км и височина од 108 м се сметаат за најголема водена маса која паѓа во светот. За прв пат се откриени од страна на Дејвид Ливингстон во 1855 година, кој името им го дал по англиската кралица Викторија. Инаку падот на водата создава огромен облак од водена пареа висок 500 м кој може да се види на оддалеченост и до 40 км. Од самиот водопад се формираат прекрасни виножита, кои со целиот пејсаж делуваат импресивно. На работ на водопадот пак, коритото на Замбези е доста широко и со бројни природни базени во кои се разладуваат најхрабрите туристи.
Американците пак сметаат дека најимпресивни во светот се големите водопади на реката Нијагара која ги поврзува езерата Ири и Онтарио. Оваа кратка и на почетокот мирна река, по тек од 56 км минува во бројни брзаци и величенствениот водопад има пад од 107 м. Водопадот е на самата граница помеѓу САД (држава Њујорк) и Канада (држава Онтарио), во подрачјето на Големите езера. Со островот Гоат, водопадот е поделен на два дела, од кои едниот припаѓа на САД и тој е широк 300 м, а длабок 61 м, додека пак канадскиот дел (наречен Потковица) е двојно поширок и длабок 63,6 м. Низ двата дела на водопадот, секоја минута паѓаат околу 425.000 м кубни вода. Постојат повеќе верзии како водопадите и самата река го добиле името, а преовладува мислењето дека името потекнува од Индијанците Иракези и означува „вода која грми“. Освен што претставуваат препознатлива туристичка атракција, водопадот на Нијагара одамна се користи за добивање на електрична енергија.
Меѓу најголемите и најспектакуларните во светот се и водопадите Игуасу на истоимената река, на границата помеѓу Бразил, Аргентина и Парагвај. Водопадите имаат полукружен облик, а нивната вкупна широчина е преку 2,7 км. Ги опкружуваат два национални парка (еден бразилски, а другиот аргентински) кои се дом на стотици ретки и загрозени видови растенија и животни. Игуасу се состојат од дури 275 поединечни водопади и слапови, високи од 64 до 82 м. Количеството на вода која паѓа е доста променливо во зависност од сезоната и се движи околу 1500 м кубни во секунда. Најспектакуларното место на водопадот е Ѓаволското Грло (Garganta del Diablo), огромна карпа во форма на буквата U. До водопадите лесно се доаѓа и од бразилската и од аргентинската страна бидејќи во близина се наоѓаат градовите Фоз до Игуасу (Бразил) и Пуерто де Игуасу (Аргентина). Покрај самите водопади водат повеќе туристички патеки, а одблизу оваа фасцинантна појава може да се набљудува и со гумени чамци.
Но големината на водопадот и спектакуларноста не го одредува само количеството на вода, туку и височината од која паѓа водата. Во таа смисла, највисок водопад во светот е Ангелскиот (или Енџелов) водопад на реката Чурун во Венецуела, со неверојатен вкупен пад од 979 м и вертикален (слободен) пад од дури 807 м. Заради големата височина од која паѓа водата, дел од неа испарува или под влијание на ветерот се распрснува. Водопадот бил откриен од американскиот пилот Џими Енџел (Jimmy Angel) во 1933 година, летајќи со авионот над него. При повторниот лет во 1937 годин, авионот принудно слетал на карпата над водопадот, а на посадата и биле потребни дури 11 дена да стигне до цивилизацијата. Инаку, поради слабата пристапност, овој водопад сеуште не е многу посетуван и го задржал природниот „некомерцијален“ изглед.
Еден од највисоките и најубавите водопади во светот е Јосемитскиот водопад кој се наоѓа во истоимениот национален парк во Калифорнија, САД. Претставува извонредна атракција особено во пролетниот период кога протекот е најголем. Вкупната височина му изнесува 740 м, по што е 7-ми во светот и највисок во Северна Америка. Јосемитскиот водопад се состои од три дела: Горен водопад со височина 440 м, среден дел составен од повеќе каскади со височина од 204 м и долен водопад со височина од 96 м. Јосемитскиот водопад може да се види од повеќе места во паркот, а најдобро за набљудување е околу селото Јосемит каде има посебна платформа за набљудување. Посебно впечатливо се гледаат Горниот и Долниот водопад, додека каскадите всечени длабоко во карпите речиси воопшто не се гледаат. Кон крајот на летото, понекогаш се случува реката и водопадот да останат без вода, па тогаш најхрабрите алпинисти се искачуваат по карпите.
Покрај наведените водопади, меѓу навистина спектакуларните спаѓаат уште и следните:
Каиетер водопад на реката Потаро во Гвајана со вкупна височина од 251 м и просечен протек од 660 м кубни во секунда се смета за еден од „најмоќните“ во светот, ако се земе предвид височината и количеството на вода. Затоа овој водопад заедно со истоимениот национален парк се главни атракции во Гвајана.
Гокта водопад во амазонскиот дел на Перу, висок близу 700 м (еден од највисоките), кој до 2006 година беше непознат за светот во амазонските прашуми.
Сатерлендски водопади на Јужниот Остров во Нов Зеланд со вкупна височина од 580 м и 3 каскади.
Узудски водопади на планината Голем Атлас во Мароко (150 км североисточно од Маракеш), кој е висок 110 м и извонредно атрактивен.
Детифос водопад на северот на Исланд со височина од 45 м, широчина од 100 м и протек од 200 м кубни во секунда, се смета за најмоќен водопад во Европа, а воедно и еден од најубавите.
Плитвички водопади во истоимениот национален парк во Хрватска, помеѓу кои се истакнуваат Велики Слап висок 78 м, Велики Бук со 25 м и многу други.
Во Македонија иако нема толку високи и моќни водопади, сепак има неколку водопади од кои застанува здивот, како што се Смоларскиот и Колешинскиот на планината Беласица, Ростушкиот и Корабскиот (Пројфелски) водопад на планината Кораб и други.
Подготвил: д-р Ивица Милевски