10.08.2012
Овие денови очите на вљубениците во вселената се свртени кон НАСА и роверот Кјуриозити кој ја освојува планетата Марс, но многумина не се свесни дека некои луѓе веќе од следната генерација ќе чекорат по Марс. Научникот лорд Мартин Рис, познат космолог и астроном, смета дека моменталното истражување и освојување на Марс е првиот чекор кон патувањата на соседната планета, без оглед дали таму ќе се откријат поволни услови за живот. Проектот за истражување на Марс, како што тврди Рис, може да биде почеток на сосема нова ера во историјата на човештвото, без оглед на ризиците кои со себе ги носат подалечните патувања во другите делови на Сончевиот систем. На прашањето што мисли за масовно населување на Марс, Рис вели дека тоа никако нема да ги реши проблемите на Земјата, која уште долго ќе биде единствена планета на која живееме. „Живеам во уверување дека некои луѓе кои сега живеат на Земјата наскоро ќе зачекорат на Марс. Уште повеќе, по век или два, мали групи на луѓе би можеле засекогаш да живеат таму или дури на некој астероид независно од Земјата“ вели ценетиот научник и поранешен претседател на „Кралското друштво“. Како што се откриваат нови информации за Марс, Рис предвидува дека ќе дојде до драматична културолошка и технолошка еволуција.
Кога точно би почнале првите човечки мисии на Марс е тешко да се одреди. Сеуште има големи недоумици, прашања и проблеми кои треба да се разрешат. Најголем проблем е силното и опасно јонизирачко зрачење кое речиси непречено доаѓа до површината на планетата, бидејќи за разлика од Земјата, Марс нема заштитно магнетно поле. Тоа би ги изложило првите посетители на значителна опасност по здравјето. Втор здравствен проблем може да биде гравитацијата на Марс која е само 38% од Земјината, а сеуште не е познато како малата гравитација би се одразила на човекот за подолг период. Трет проблем е слабата атмосфера во која преовладуваат јаглерод диоксид, јаглерод моноксид и други отровни гасови, заради што би морала да се користи специјална опрема и компримиран воздух. Има уште бројни проблеми поврзани со самото патување кое во сегашни услови би траело барем 6 месеци во еден правец, потоа тешкото слетување и лансирање на поголемо летало од површината на Марс, проблемот со силните песочни бури и други. Се смета дека некои од наведените технички проблеми би можеле да се решат во следните 15-20 години, а првите мисии на Марс да започнат веќе околу 2025 до 2030 година.
Извори: Daily Telegraph, http://en.wikipedia.org/wiki/Colonization_of_Mars
Подготвил: д-р Ивица Милевски