9.08.2012
Ноќта помеѓу 6 и 7 август, за прв пат од 1897 година проработе вулканот на планината Тонгариро на Северниот остров во Нов Зеланд. Станува збор за ерупција која ги изненади научниците бидејќи вулканот мируваше повеќе од еден век. Активноста почнала околу полноќ по локално време и претходно биле регистрирани неколку експлозии од нов отвор што се појавил на планината. Научниците веќе неколку недели ја следеле зголемената сеизмичка активност на вулканот Тонгариро, меѓутоа ерупцијата сепак не била предвидена. Засега не се исфрла лава туку само пепел до висина од 6 км, кој ветерот го разнесува до блиските градови во радиус до 100 км. Научнците сметаат дека ерупцијата најверијатно била предизвикана поради големиот притисок на гасовите во внатрешноста на планината, но сеуште не може да се каже дека е почеток на нов циклус на активност на вулканот.
Инаку, вулканот се наоѓа во рамките на националниот парк често посетуван од туристи, а на него се снимани сцени од популарниот филм „Господарот на прстените“. Полицијата соопшти дека немало повредени и не е причинета материјална штета, но работи на проверки во зафрлени области. Oдреден број летови во домашниот авиопревоз беа откажани, а автопати привремено затворени. Нов Зеланд лежи во пацифичкиот „Огнен прстен“ каде доаѓа до судир на големи тектонски плочи, поради што вулканските, сеизмичките и геотермалните активности се чести.
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 2936 пати!