Војаџер 1 постепено го напушта нашиот Сончев систем!

9.08.2012

Леталото Војаџер 1 кое беше лансирано уште во 1977 година, по патување од 35 години со брзина од 16 км/сек (500 милиони км годишно!), постепено се доближува до границата на нашиот Сончев систем. Моментално се наоѓа на речиси 18 милијарди км од Земјата, што е најголемо растојание до каде стигнало некое летало изработено од човекот. Податоците добиени од Војаџер 1 (на кои им треба 16 часа и 40 минути да стигнат до Земјата), во последните години откриваат чудни, понекогаш и нагли промени. На моменти се јавува драстично зголемување на нивото на зрачење што доаѓа надвор од нашиот Сончев систем и во исто време намалување на концентрацијата на честички од нашето Сонце. Тоа е индикатор дека леталото постепено го напушта полето на влијание на Сонцето и влегува во меѓуѕвездениот простор. Според проценките на НАСА, батериите вградени во Војаџер 1 се доволни за тој да испраќа податоци до 2020 година, достигнувајќи оддалеченост од преку 20 милијарди км. Во следните години, астрономите очекуваат да забележат драстични промени во податоците што пристигнуваат од Војаџер 1 како што се доближува до празниот меѓуѕвезден простор. Дури и откако ќе престане да испраќа сигнали кон Земјата, ова летало ќе продолжи да „лута“ во меѓуѕвездениот простор можеби со илјадници години. Ние пак ќе се надеваме дека специјално подготвениот златен диск на Војаџер 1 со најосновни графички податоци за Земјата и човекот, некогаш можеби ќе биде забележан од некоја друга цивилизација.

Извор: http://www.dailymail.co.uk

Подготвил: Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 2975 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *