5.08.2012
До неодамна, вулканот Везув во Италија се сметаше за еден од најопасните во Европа и пошироко, не само поради катастрофалните ерупции (особено онаа во 79 година), туку и поради близината на милионскиот град Неапол. Меѓутоа, денес стравувањата се насочени кон уште еден потенцијално далеку посмртоносен вулкан, сосема блиску до Везув. Станува збор за „притаениот“ супервулкан Кампи Флегреи западно од Неапол, кој претставува закана за милиони луѓе и доколку би еруптирал би предизвикал катастрофа од големи регионални размери. Стравувањата особено се зголемија по серијата земјотреси во централниот и јужниот дел на Италија, кои можеби претставуваат предвесник на силна вулканска ерупција. Иако подрачјето не оддава впечаток на вулкан, на само неколку километри под Земјината кора лежи огромен магматски резервоар со извонредна енергија. При евентуална ерупција би се формирала калдера со пречник од десетина км, како што се случило пред 39.000 години. Што е уште пострашно, при многу силна ерупција вулканот би можел да исфрли огромно количество прашина и отровни гасови во атмосферата, уништувајќи голем дел од живиот свет во Европа.
„Овие области можат да доведат до ерупција со глобално катастрофални последици, коишто можат да се споредат со експлозија и промени кои настануваат по удар на метеор”- вели научникот Џузепе Де Натале. Де Натале го предводи интернационалниот тим научници коишто планираат да издлабат дупка длабока 3-4 километри и да проучат што се случува во големата магматска комора меѓу растопените карпи во близината на Помпеја. Тоа ќе помогне навреме да се предупреди за можна ерупција на овој супервулкан со широчина од 13 км. Идејата има доста противници кои сметаат дека со дупчењата може вештачки да се иницира ерупција или експлозија од гасовите под висок притисок, па од тие причини дупчењето ќе биде етапно и многу внимателно. Инаку супервулканот Кампи Флегреи е сличен на кратерот во националниот парк Јелоустон во американската сојузна држава Вајоминг, но е многу поопасен, бидејќи се наоѓа во непосредна близина на густо населена област.
Извор: http://news.sciencemag.org/scienceinsider/2012/05/supervolcano-drilling-plan-gets.html
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 3338 пати!