Во понеделник светот ќе го очекува спуштањето на роверот Кјуриозити на Марс

3.08.2012

Во понеделник наутро (6.08.2012), светот со огромно нетрпение ќе го следи долго очекуваниот момент на спуштање на досега најголемиот ровер Кјуриозити (тежок 900 кг) на површината на Марс. Успешното слетување ќе значи дека ова скапо роботизирано возило на НАСА ќе може да ја отпочне својата задача на Црвената планета: откривање на траги за постоење на услови за живот во минатото и денес, а можеби и пронаоѓање на некакви фосилни остатоци од организми во карпите или „почвата“. Покрај тоа ќе се анализираат климатските прилики на Марс, геологијата, како и условите за човечки мисии и населување на оваа планета. За таа цел, Кјуриозити ќе истражува дел од кратер (Гејлов кратер) за кој се верува дека некогаш бил исполнет со вода, а потоа ќе се искачи на блиската планина (Еолиус Монс), менувајќи повеќе средини на кратко растојание. На располагање на овој ровер кој ќе се движи со брзина од околу 30 м на час му стојат роботизирани раце, дупчалки, моќен ласер, стерео камери, супер-зумирачки камери и извонредна палета од автоматски научни инструменти. Се планира Кјуриозити да се задржи на Марс речиси 2 години, при што ќе помине растојание од речиси 20 км и при тоа ќе изведе голем број на анализи. Податоците кои ќе бидат пратени на Земјата можат да варираат во широк дијапазон – од сосема негативни и „демотивирачки“ до можеби потполно изненадувачки. Сепак, пред целата мисија стојат бројни предизвици. Пред се, самото спуштање на роверот ќе биде извонредно сложено, така што сосема мал проблем може да доведе до негово уништување. Најризичен дел ќе бидат таканаречените „7 минути на терор“ кога спуштањето на роверот нема да може активно да се  следи од контролниот центар. Голем проблем е што поради оддалеченоста на Марс, сигналот помеѓу роверот и центарот на НАСА ќе патува 14 минути, со што е отежната координацијата и управувањето на возилото, без оглед на автоматските протоколи. Според тоа, можеби конечно Кјуриозити ќе ни приреди изненадување поврзано со некогашните и сегашните животни услови на оваа планета. Затоа и толкав интерес, па настанот ќе се следи во живо на многу плоштади, екрани и медиуми не само во САД туку и ширум светот.

Извори: http://www.dailymail.co.uk

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 4371 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *