Антарктик во минатото бил со густи прашуми и палми покрај брегот!

2.08.2012

Според новите истражувања на британските научници, Антарктикот пред околу 50 милиони години имал многу топла клима. Како што наведува британската BBC, до откритието е дојдено со пронаоѓање на фосилизирани спори и полен преку многу напорни и ризични геолошки дупчења на длабочина од 1 км под океанското дно. Резултатите од примероците покажуваат дека пред повеќе десетици милиони години, палмите биле сосема нормален пејсаж покрај бреговите на Антарктик, а температурите во просек се движеле околу 20 степени целзиусови. Истражувачите укажуваат дека во некоја далечна иднина, овој сега замрзнат континент може повторно да има тропски карактеристики. Меѓутоа, целосното топење на дебелата мразна покривка би условила издигање на морското ниво за дури 60 метри и потопување на многу простран крајбрежен појас каде денес живее голем дел од светското население. Високите концентрации на стакленички гасови пред 48 до 55 милиони години условиле Земјата да биде просечно околу 5 степени потопла од денес. Најголемото влијание оваа топлина имала токму на половите. Благодарение на геолошките дупчења во источниот дел на континентот, истражувачите дојдоа до примероци од полен и спори кои покажуваат дека за време на еоцен, на Антарктик веројатно постоеле вистински прашуми. Меѓутоа, треба да се напомене дека освен потоплата клима, причина за такво нешто била и поинаквата положба (распоред) на континентите во тој период, која до денес доста се променила. Ова истражување не само што укажува на минатите климатски промени на Земјата и на нивните ефекти, туку дава поинаква слика на сеуште „мистериозниот“ континент Антарктик.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 5855 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *