Нова спектакуларна мисија на Марс

26.11.2011.

По осум години планирање, двегодишно одложување и потрошени вкупно 2,5 милијарди долари мисијата Mars Science Laboratory на НАСА конечно ќе биде лансирана денес, во 16:02 според македонско време.Време е НАСА да се врати на Марс. Се работи за новиот ровер, Curiosity, многу поголем од двата близнаци, Spirit и Opportunity  кои веќе ја испитуваа Црвената планета. Освен во големината, главна разлика е што Curiosity (љубопитност) нема соларен, туку нуклеарен погон. Curiosity со себе ќе однесе околу 4 килограми плутониум, чија топлина ќе биде трансформирана во електрична енергија.

Денес, од Кејп Канаверал на Флорида, Роверот Curiosity конечно тргнува на своето патешествие кон Марс. На своето одредиште планирано е да пристигне во август 2012 година и да се спушти во кратерот Гејл (Gale). Од таа локација ќе почне мисијата со која ќе се бараат докази за тоа дали на Марс некогаш постоел живот. Роверот Curiosity (Кјуриозити) е опремен со “едно чудо“ инструменти, а неговата мисија на Марс е планирано да трае две години. Компјутерската анимација покажува што НАСА очекува да се случи кога Кјуриозити ќе пристигне на кратерот Гејл на Марс. Падобранот и моторите ќе помогнат за помеко приближување до површината. Кјуриозити потоа ќе биде симнат со помош на кабли. Леталото е големо колку автомобил и има 17 камери.  Научникот Ашвин Васавада, заменик-директор на мисијата, е импресиониран од можностите на Кјуриозити: „Ова е возило на соништата – ќе биде во очите на 200 научници од целиот свет кои го истражуваат Марс.  Не само технички, туку и научно најопремено возило што досега сме го испратиле на Марс. Тоа оттаму што Кјуриозити е еден вид на мобилна лабораторија.  Ќе минува по 200 метра дневно. Наместо сончеви плочи, ќе се напојува од нуклеарен реактор на плутониум. Има и ласер за истражување на хемискиот состав на карпите.  Ќе собира примероци со роботската рака долга 1,8 метри, а може и да ги испитува на самото место“.

НАСА сака да дознае дали на Марс некогаш имало услови за живот, барем на ниво на микроби. Кратерот Гејл е можеби најдобрата локација на Марс за вакво истражување. Геолошките наоди говорат дека на времето таму имало вода.  На оваа мисија ќе се бараат органски траги – уште еден предуслов за живот. Нуклеарниот реактор на Кјуриозити ќе овозможи леталото да биде активно две години.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 6415 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *