10.02.2013
Додека ние го поминуваме вториот месец од Новата 2013 година, кинезите и голем дел од југоисточна Азија (па и секаде низ светот каде живеат кинези), од денес ја прославуваат Кинеската Нова година. Според календарот, денес започнува година на змијата (црна, водна змија) која не е толку „омилена“ како минатата која беше година на змјот. Како и да е, Новата година е најважниот празник во Кина кој го симболизира почетокот на пролетта. Легендата вели дека во древните времиња, за денот на прославата на Нова година, Буда ги повикал сите животни, а дошле 12. Буда секоја година ја нарекол според некое од присутните животни, а секоја година ги има карактеристиките на тоа животно. Така, луѓето родени во знакот на Змијата се мудри, шармантни, широкогради и интровертни. Кинеската Нова година започнува со доаѓањето на младата месечина (младина), а се завршува 15 дена подоцна на полн месец, па затоа се нарекува лунарна нова година. Петнаесеттиот ден од Новата година се нарекува Фестивал на лампите, поради што децата носат лампи на парадите. На денот на прославата на Нова година, домовите се чистат од негативната енергија собрана во текот на претходната година. Живеалиштата се варосуваат во црвена боја која носи среќа, се декорира внатрешноста со предмети од хартија и со постери на кои има желби за годината која следи.
Инаку, во Кина деновиве владее вистинска еуфорија. Стотина милиони луѓе ширум земјата, во последните неколку денови се туркаат во преполните возови и автобуси, што претставува и најголемата годишна преселба, а сето тоа е само за да пристигнат кај своите семејства и да ја дочекаат Лунарната нова година. Вкупно 3,4 милијарди патувања ќе бидат остварени во текот на празникот, процениле експертите, вклучувајќи ги и стотината милиони работници емигранти во богатите градови кои што патуваат во оддалечени сиромашни провинции за да поминат една недела со своите најблиски. Од пресметките може да се заклучи дека секој од вкупно 1,3 милијарди Кинези ќе патува најмалку три пати во следните десетина денови. Патниците мораат да стигнат во своите домови до сабота навечер за да ја дочекаат Новата година во недела. Кинеските медиуми се преплавени со слики од работници емигранти облечени во тесни воени капути и со платнени ранци, како кампуваат пред железничките станици или пак стојат во огромни редици само за да купат автобуска карта. За празниците на социјалните мрежи се рекламираат и музичарите кои што на припадничките на понежниот пол им се понудиле да ја глумат улогата на нивен партнер, се со цел тие на своите родители да им покажат дека имаат некој покрај себе, пренесува “AFP”. “Вашите родители работеле напорно за да ве направат луѓе, па носењето на момче во домот е најдобриот начин за да им се одолжите”, гласел еден од огласите. На една интернет страна бил објавен и ценовник за однесувањето пред родителите, па така, со посебна тарифа се наплаќа држењето за раце, прегратките и бакнежите, што во зависност од случајот, чини од 10 до 500 јуани. Социјалните мрежи се преплавени и со корисни совети за тоа како полесно да го издржите неколкудневниот пат или како да се снајдете за седење доколку имате карта само за стоење во возот. Еден корисник дури понудил и сопствен изум, односно количка која што се претвора во седиште, додека пак другите нудат два украсни стапови со платно, секако, наменети за седење. Масовната преселба на жителите за време на празниците има и своја црна хроника затоа што поради метежот, брзината и уморот, значително е зголемен бројот на несреќи на патиштата. Кон тоа допринесува и задолжителниот огномет и петардите за истерување на злобните духови во Новата година, но истите предизвикуваат голем број на пожари.
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 4968 пати!