14.02.2013
Утре вечер (15.02.2013 год.) во 20 часот на рекордна близина до Земјата ќе прелета астероидот 2012 DA14 со пречник од 45 метри. Оддалеченоста ќе изнесува само 25 000 километри. До сега не е забележан вака голем астероид кој прелетал толку близу до нашата планета. Неговата разорна моќ е еднаква на речиси 1000 атомски бомби фрлени врз Хирошима и би можел да уништи голем милионски град. Сепак, овој пат нема никаква опасност за Земјата и луѓето, без оглед што ќе помине толку блиску. Исто така не постои опасност да погоди некој од геостационираните сателити иако ќе помине покрај некои од нив. Единствено можно е да предизвика губење на сателитски сигнали во краток период, со оглед на тоа дека астероидот поминува низ прстен во кој се наоѓаат комуникациските сателити. 2012 DA14 беше откриен лани и е еден од 500.000 познати објекти што кружат околу Земјата. Интересно е што според проценките на НАСА, овој астероид е вистинско богатство и вреди 200 милијарди долари во платина и други метали и минерали од кои е составен. Оваа фантастична можност за експлоатација на астероидите е една од клучните причини поради која што најголемиот радарски телескоп во светот ќе го мери неговото движење. Инаку 2012 DA14 нема да биде видлив со голо око, но затоа со помош на телескоп може да се набљудува кратко време над североисточниот хоризонт, околу 2 часа по заоѓањето на Сонцето.
Како што порано беше пишувано во статија на ИГЕО порталот, без оглед на големата медиумска сензационалност, па и дезинформирање, опасноста од удар на астероид во Земјата поголем од 20-30 м е извонредно мала, а уште помала е веројатноста ударот да биде во погусто населен простор како што обично се пишува. Тоа што во последно време се почесто се известува за поминување на поголеми астероиди или астероиди на мала оддалеченост е поради големиот напредок во телескопско-компјутерското следење и откривање на вакви тела во последните години.
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 4614 пати!