Јавен демант на објавената вест „Косово добило 200 хектари Македонска територија кај Шар Планина“ во весникот Вечер

2.02.2018

На 29.01.2018 година, 5 дена по објавување на бомбастичниот наслов во весникот Вечер: „Косово добило 200 хектари Македонска територија кај Шар Планина“, во кој непознатиот – скриен новинар (за разлика од ИГЕО и бројни други портали каде секој автор е потпишан со свое име и презиме), целосно непрофесионално и неетички, по свое видување ја извртел мојата објава на личниот профил на Фејсбук, напишав електронски допис до редакцијата на Вечер. Во дописот барам реакција, демант и извинување од новинарот на гореспоменатата вест за злоупотребената објава на мојот профил. За жал, ниту по 5 дена, немам никаква реакција или културно и човечко известување, а за извинување не станува ниту збор.
За таа цел, во оваа прилика го објавувам мојот допис до редакцијата на весникот Вечер, за да може секој да процени за што се работи.

„Почитувани,

На 24.01.2018 година, во вашиот весник Вечер (електронска и печатена верзија) излезе натпис под наслов „Косово добило 200 хектари Македонска територија кај Шар Планина!“. Во оваа статија, вашиот новинар се повикува на мој статус (д-р Ивица Милевски) на фејсбук, во кој заради истражувањата кои ги вршиме на Шар Планина, упатувам колегијално прашање дали некој знае која е точната гранична линија на еден „спорен“ дел. Статусот е слободно достапен и може да се види, а го објавив на 23.01. во 01 часот. Во него, НИКАДЕ не тврдам или посочувам дека на Косово му е дадена територија од 200 хектари, како што слободно интерпретира новинарот „Х“. Единствено давам претпоставка дека правилниот изглед на линијата или е грешка или: „Евентуално ако е некој договор за демаркација, па сме отстапиле околу 200 хектари од најубавиот дел на планината, а нема расположение јавно да се каже…“ 
Значи оваа реченица од мојот статус е целосно извртена и дури поставена како ударен наслов. Етички е новинарот или да ме контактирал и прашал, или да ги контактирал соодветните лица во АКН (Катастар) за да добие поточна информација пред да објави ваков небулозен наслов кој со право предизвика бројни реакции. Воедно, навистина е нарушен мојот углед, не само како универзитетски професор, туку и како истражувач кој до сега пласирал десетици стручни и научно-популарни текстови за Македонија, прегледани стотици илјади пати (особено на порталот ИГЕО).
Во таа смисла, барам извинување од новинарот или оградување на редакцијата за да се поправи колку толку неправдата која ми е нанесена, но и да се внимава во иднина што и како се пренесува од нашите приватни статуси на фејсбук.
Се надевам ќе наидам на разбирање од ваша страна, а тоа ќе биде мотивација и за бројни мои колеги за слободно стручно изразување, дискусија и барање на одговори за нејасни или сомнителни прашања.

Голем поздрав,

Ивица Милевски“

За жал, повторно никој не најде за потребно да ме конктактира или да каже за што се работи. Но ете и тоа е дел од нашето „професионално новинарство“. За среќа, познавам бројни вистински новинари, со високи морални норми со кои е задоволство да се соработува, па и да се дружи човек. Оние останатите, и понатаму нека се кријат во „своите дупки“, од совеста и од одговорноста за текстовите кои ги објавуваат (крадат). Нека им служи на чест!

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 5019 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *