2.02.2018
Во минатите неколку години, на територијата на Република Македонија се случија значителен број природни непогоди. Некои од нив предизвикаа огромни материјални штети, а за жал дури и човечки жртви. Во таа смисла, особено беа карактеристични поројните поплави во Скопско во 2016 година и во Шипковица во 2015 година, потоа земјотресите во Скопско во 2016 и Охридско во 2017 година, пожарите во 2007, 2012 и 2017 година, бројните свелчишта и одрони во 2010 година и др.
Оваа, 2018 година започна со натпросечно високи јануарски (зимски) температури и релативно слаби врнежи, особено споредено со минатогодишниот јануари. Согласно сите анализи и прогнози на релевантни државни, регионални и меѓународни институции, во годинава што е пред нас, може да се очекуваат повеќе природни ризици и тоа: речни и поројни поплави проследени со свлечишта (помеѓу месеците февруари и јуни, а потоа ноември и декември), краткотрајни, но силни поројни појави во втората половина на летото, шумски пожари помеѓу јули и септември, а за очекување се и неколку послаби земјотреси главно од локален карактер (секако, никогаш не може да се исклучи веројатноста од посилен земјотрес во сеизмички активните подрачја).
Заради сето наведено, а имајќи ја во предвид глобалната и регионалната тенденција на зачестестување на екстремните метеоролошки појави, очекуваме на територијата на Република Македонија да дојде до натамошно зголемување на површините под ризик од разни природни непогоди. Затоа, а уште повеќе заради искуствата од блиското минато (посебно поплавата во Скопско која однесе 23 животи), изминатите 2 години повеќе државни институции и тела искажаа заложба и потреба за посериозен пристап во превенција и справување со последиците од природните непогоди. Впрочем, изработка на ваков катастар е влезен и во програмата и на Владата на Република Македонија за периодот од 2017 – 2018 година. Од истите причини, ова е и меѓу топ приоритети на Европската Унија изразени преку повеќе директиви изготвени од стручните тела на Европската Комисија.
Една од главните актиности во тој правец треба да биде изработка на Национален катастар на подрачја потенцијално загрозени со природни непогоди. За одредени природни и административни региони на Македонија, како и за одредени видови непогоди, веќе е завршена или е во тек изработка на разни модели, сценарија, студии, стратегии и катастри за ризик, превенција и заштита од природни непогоди. Сепак, имајќи ја во предвид пошироката природна условеност и меѓузависност (природните непогоди не познаваат природни, а уште помалку административни граници), неопходно е да се изготви пред се национален катастар за целата државна територија и тоа со воедначена методологија. Поинаку, добиените резултати од регион до регион значително ќе се разликуваат и нема да ја дадат вистинската слика (често, различните методологии и субјективни приоди, даваат сосема различни излезни резултати – понекогаш неспоредливи).
Споменатиот Национален катастар на загрозеност од природни непогоди (каков што имаат најголем број држави во Европа и пошироко), треба да се изработи со мултидисциплинарен експертски приод, со најсовремена и воедначена методологија. Во постапката неопходно ќе биде користење на најсовремените ГИС техники и технологии, вклучувајќи секако примена на далечинска детекција со податоците од MODIS, Landsat (ETM+; OLI-TIRS), Sentinel и други перманентни серии на сателитски снимки, како и 5-метарскиот реинтерполирн дигитален висински модел за подрачјето на Македонија. Секако, од огромно значење ќе бидат метеоролошките и хидролошките податоци од мерните станици, потоа теренските опсервации, споредбите на картографските содржини од ТК25000 и др. Нашите искуства покажуваат дека со користење на добар методолошки и стручен приод, може да се постигне висока точност на добиените резултати (во смисла на прецизно издвоени подрачја). Дополнително, можна е имплементација на моделски сценарија за природната непогода при даден интензитет на некоја појава (пример, при дневни врнежи од 30, 60 или 90 mm).
Како крајна цел, Катастарот треба да издиференцира подрачја со различен степен на загрозеност од одредени (една или повеќе; мултихазард) природни непогоди. Тоа ќе овозможи приоритизација на високо-ризични подрачја (особено во и покрај населени места), на кои ќе им се посвети најголемо внимание при преземање на соодветни превентивни и заштитни мерки и активности. Пристапот кон реализацијата на горенаведената задача треба да започне час поскоро, за да не бидеме повторно непријатно изненадени и да се соочиме со огромни материјални, па и човечки загуби. Самата изработка, не смее да биде од „експресен“ карактер и со нереално кратки рокови, бидејќи во тој случај се можни бројни грешки и „промашувања“. Обично, за ваква сложена задача се потребни околу 3 години посветена работа. Секако, неопходна е широка вклученост на што повеќе заинтересирани страни, јавност во целата постапка и информирање на релевантните институции за прогресот во работата. Со тоа, на крај ќе се добијат навистина реални и корисни резултати.
Лично се надевам дека лекциите од минатите години, барем делумно ги научивме сите, а човечките грешки во превенција и справување со природните непогоди, во иднина ќе се сведат на минимум.
Извор: http://pehcevo.gov.mk/studija-za-prirodni-nepogodi-2
Автор: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 5668 пати!