Дроновите стануваат неопходност за детекција, мониторинг и гаснење на шумските пожари!

13.07.2017

Високите температури и слабото количество на врнежи кои се очекуваат во текот на ова лето на Балканот, па и во Република Македонија, ја зголемуваат можноста за појава на шумски пожари. Пожарите предизвикуваат огромни материјални штети и може да да настанат како резултат на намерно или ненамерно дејствување на човечкиот фактор или од природни влијанија. Најчести причини за настанување на пожарите се: отворен оган и зажарени тела, ослободување на топлина при триење, самозапалување, природни појави, хемиски реакции и друго.
Штетите од пожарите може да бидат огромни, особено ако се на отворено и доколку се потпомогнати од ветер, појава која е честа во летниот период. Иако понекогаш некој помал шумски пожар може поволно да влијае врз екосистемот во шумата и за обнова на флората, кога е од поголеми размери или се повторува на ист простор, последиците се изразито негативни и тоа како од еколошки, така и од социо-економски аспект.
За превенција на шумски пожари потребно е навремено детектирање на истите, со цел да се намали штетата. Малите беспилотни летала, односно дроновите се моќна алатка која се помасовно се применува во светот во различни области и за различни цели. Во последните години, истите често се користат за детекција, мониторинг и превенција од природни непогоди, а во таа смисла и на шумските пожари. Детекцијата на шумските пожари со помош на дрон е од големо значење бидејќи за време на снимањето на опожарената територија можат да се добијат снимки во реално време на недостапни области или да се види во кој правец и со каков интензитет се шири пожарот. Поради нивната флексибилност, управливост, непостоење на човечки ризик при мисиите, како и поради се пониската цена, дроновите освен за забележување, следење и набљудување на пожарите, се применуваат и доколку во опожарената област се јави опасност по луѓето. Со добивање на визуелните, термичките и други снимки и ГПС податоци, може да се извршат анализи на опожарената територија, односно колкава површина е зафатена од пожар, геопозиционирање на пожарот, дали пожарот се проширува и на која страна, проценка на штета врз основа на споредба на постари снимки и слично.
Сепак, постои мал недостаток кај дроновите, а тоа е намалување на видливоста во опожарените места, од густиот чад. Овој проблем се решава со инсталирање на посебни термални камери, прецизни ГПС локатори (кои точно бележат каде се движи дронот) и други нови технологии.
Освен детекција на шумските пожари, со дроновите може да се врши постојан мониторинг на шумите и областите кои се под ризик на опожарување. Со оглед на тоа што дроновите се релативно евтина технологија (солиден дрон за ваква намена чини од 1500 до 5000 долари), постојат многу можности доколку се употребуваат за мониторинг со што би се намалил или спречил понатамошен ризик од настанување на пожар. Со дрон-мониторинг на шумите се добиваат многу информации и податоци, како што се проширување на шумите, детектирање на загадување, проценка на сеча, проценка на штета, детекција на нови стебла, податоци за биолошка разновидност и како најважна компонента – заштита на шумите. Со сите овие добиени податоци, дроновите може да се употребат како средство за интервенција во загрозени области. Освен тоа, снимките добиени со дрон може да се искористат за изработка на карти и 3D модели на теренот, каде би се прикажале територии кои најчесто се зафатени од пожар, висинска разлика, површина на територијата, анализи и проценка на штети од пожар и слично.
Иако во Република Македонија примената на дронови за природни непогоди и пожари е во почетна фаза, дроновите се технологија која во светот станува неизбежна и незаменлива, без разлика дали станува збор за хоби или стручна примена. Од искуствата на високо развиените земји може да се дојде до заклучок дека потребата од дроновите во Република Македонија е неопходна во различни сфери, а особено за примена за заштита на животната средина и интервенција при природни непогоди. Тоа посебно се однесува на неограничените можности за далечинска детекција на разни просторни елементи, појави и промени. Затоа се надеваме дека во блиска иднина, со оглед на сите можности и позитивности, примената на оваа технологија ќе си го најде своето заслужено место и во нашата држава.

Извори:
Димитровска О. (2012) – Заштита на животната средина (интерна скрипта), Скопје, Република Македонија
500below.com/drones-wildfires-need-know/
dronesetc.com/blogs/news/firefighting-drones
energetskaefikasnost.info
firerescue1.com/fire-products/communications/articles/1867819-5-drone-technologies-for-firefighting/
mkdsumi.com.mk
mkffis.cuk.gov.mk
mzsv.gov.mk

Автори: Билјана Бабаноска и Антонио Трајков, насока ГИС

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *