За „метеорот“ над Челјабинск во Русија

16.02.2013

Во петокот (15.02.2013) наутро, поточно во 9 часот и 25 минути по локално време, во регионот Челјабинск во Русија (јужен дел на Урал), неочекувано се случи огромна експлозија на метеор. Дента кога вниманието на светот беше свртено кон астероидот кој помина на само 27.000 км оддалеченост од Земјата, од вселената во атмосферата над Русија влета голем метеор и за среќа експлодира во повисоките слоеви на атмосферата. Сепак, не само што направи огромна штета, туку беа повредени над 1000 луѓе. По димензиите, Челјабинскиот метеор или болид се смета за најголем вселенски објект што ја погодил Земјата во последните 100 години (во 1908 година, уште поголем бил Тунгускиот метеорит или комета, кој веројатно бил со пречник од околу 100 м, а силината на експлозијата одговарала на 30 мегатони или околу 1000 пати посилно од атомската бомба фрлена на Хирошима).
Проценките укажуваат дека пречникот на метеорот при влезот во атмосферата изнесувал околу 10-15 м, а масата повеќе стотици тони. Метеорот влегол во атмосферата со брзина од 15-20 км/сек., а експлодирал на височина од 30-50 км над површината на Земјата. Тоа го потврдуваат интензитетот на звучните бранови кои предизвикале пукање на стаклата на прозорците и 2-те минути кои биле потребни звукот за да стаса до земјината површина. Всушност, се случиле три експлозии со јачина од 1 до 10 килотони (колку некоја послаба атомска бомба) и температура до 2500 степени Целзиусови. По експлозијата, значителен дел од масата на метеорот испарил во воздухот, а поголемите остатоци паднале на земјата како метеорити. Самата појава повеќе одговара на болид (поголемо тело кое поради отпорот и триењето експлодира при влезот во атмосферата), отколку на метеор или метеорски дожд како што погрешно се пренесува во медиумите. Траекторијата на болидот била под азимут од 290 степени, а огнените топки летале во правец југоисток-северозапад. Според Пулковската опсерваторија, најверојатно се работи за остатоци од одамна распарчена комета кои лутале по вселената, се додека еден од остатоците не ја пресекол Земјината орбита и влетал во атмосферата.
Еден ден по појавата, Руската војска и истражувачите пронајдоа неколку метеорити со мали димензии (5-10 см), без да се забележи покачена радијација. Покрај нив, во потрага по метеорити се и бројни авантуристи, а на интернет веќе се појавија огласи за парчиња од вакви тела со почетна цена од 25 евра. Инаку, според анализите нема никаква поврзаност помеѓу метеорот во Русија (поточно болидот) и астероидот 2012 DA14 кој во вечерните часови помина многу блиску покрај Земјата. Тоа е само небесна коинциденција, бидејќи астероидот се приближуваше кон Земјата од југ, а метеорот ја погоди северната хемисфера. Неколку часа по појавата, научниците од Московскиот Универзитет изјавија дека не можеле да го предвидат движењето на метеорот бидејќи дошол од правец од Сонцето: „Можеме да ги регистрираме само оние метеори кои доаѓаат од правецот на ноќното небо, изјавил Олег Малков“. Всушност, вака мали тела тешко се регистрираат преку ден дури и со најсовремена астрономска опрема.
Инаку, според последните податоци, од експлозиите на болидот (метеорот) се повредени над 1000 луѓе, а 11 се хоспитализирани, од кои тројца се во критична состојба. До сега не се забележани жртви, но причинета е огромна материјална штета која се проценува на околу 50 милиони евра. Оштетени се околу 3000 згради, од кои 361 училишта и градинки во шест градови во Челјабинската област. Сето тоа е последица на експлозивниот ефект на болидот, а не на директен удар.
Вакви експлозии на поголеми метеори или т.н. болиди се релативно ретка појава и обично се случуваат на 50-150 години. Уште поголеми вселенски тела (со пречник над 50 метри) кои би имале катастрофален ефект не само за одредена област или држава туку и пошироко, ја погодуваат Земјата во просек еднаш на повеќе стотици години. Тела пак кои би биле закана за целата Земја паѓаат еднаш на неколку милиони години. Според тоа, опасноста од удар или експлозија на метеор или астероид е мала, особено во однос на подрачјето на Македонија (каде до сега не е забележана некоја позначајна појава на експлозивен болид или паднат метеорит).
Како и да е, Челјабинскиот метеор ќе остане запаметен како заканувачка, опасна, но и фасцинантна природна појава која можеби ќе биде единствена од таков вид во 21-виот век.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 6913 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *