На отприлика 5 километри јужно од градот Велес се наоѓа едно од најживописните предели во Р. Македонија, а тоа е Клисурата Пешти на реката Бабуна. Клисурата е позната по големиот број на пештери и неколкуте пропасти. Во клисурата на Пешти се наоѓаат триесетина пештерски отвори и поткапини ( Д. Манаковиќ, 1966), меѓу кои позначајни се: Понор, Црквиче, Маркова Црква, Четири Врати, Топла пештера, Макаровец и др.
Пештера Понор
На запад по страните на клисурата, на висина од 138 м, изградена е пештера долж дијаклаза што се спушта кон дното на клисурата Пешти. Сите канали освен влезот и страничните делови се вертикални или со поголема наведнатост. Влезниот дел е благо наведнат кон внатрешноста и по 4 метра преку отсек се спушта во првата галерија. Десно над одсекот има помал страничен канал. Во јужниот дел на галеријата има отвор за другиот страничен канал кој е исполнет со пештерски накит.
Пештера Четири Врати
Пештерата „Четири Врати“,-На релативната висина од преку 140 метри преку еден отсек од 5 метри, можен е пристап кон еден од отворите на пештерата. Таа е една од најкомплицираните пештери во поречието на Бабуна, бидејќи има 6 отвора во клисурестиот отсек. Изградена е во вертикалните мермери на Пешти. Од можниот влезен дел, па спрема излезот, пештерските канали главно се континуелно наведнати кон текот на Бабуна.
Пештера Макаровец
Во последната епигенетска сатеска Макаровец е поголема истоимена пештера на десната долинска страна. Отворот и влезот е на висина од 110 метри над коритото на Бабуна. Таа како и предните пештери е поврзана со речната делувијална тераса која овде е на висина од 110 метри. Влезот и има бубрежест облик, ширината на каналот кон внатрешноста е намалена. Од десната страна и придоаѓаат два канала кои понатаму се спојуваат во еден. На левата страна во зидот е друг канал, кој избива пак во главниот преку помал отвор. Од овде преку отсек од 4 метри главниот продолжува преку широк канал исполнет со глина. Од него се одделува еден помал канал, а подолу и друг кој избива од отсекот на клисурата. Тоа е вториот влез на Макаровечката Пештера, кој е наведнат кон внатрешноста. Оттука каналот се проширува и навлегува во доста широка галерија. Таа е исполнета во средишниот дел со пештерска глина, а на северната страна се наплавни наноси кои ги затвора продолжението на каналите во овој дел. Во галеријата се пронајдени артефакти од правобитниот човек и фосили од делувијални пештерски животни.
Д. Манаковиќ (1966): Некои Релјефни елементи во поречието на Бабуна и Тополка со Титовелелешката Котлина
Оваа статија е прочитана 8333 пати!