НАСА ја забрзува изградбата на системот за рано предупредување од метеори

18.02.2013

Земјата постојано е мета на метеорите, но до сега нема систем кој би го покривал целото небо и би предупредил на вакви мали небесни тела. Најголем број метеори, поради малите димензии, согоруваат во атмосферата оставајќи само слаба трага на небото или пак паѓаат на Земјата како ситни зрнца песок. Сепак, метеорот кој во петокот експлодира на небото над Челјабинск во Русија беше преголем и навлезе прениско, што предизвика вистинска загриженост низ светот. Неодамна, НАСА започна да го финансира проектот АТЛАС, односно систем за предупредување од астероиди кој би требал да биде последна линија на одбрана. Идејниот дел на проектот е развиен на Хавајскиот Универзитет, каде беше согледана опасноста од помали небесни тела. Системот би се состоел од мали телескопи но со широкоаголни леќи, кои постојано би го скенирале небото и навремено би предупредувале на опасност. Кога би воочиле метеор, системот би пресметал каде и кога точно ќе падне за да се овозможи барем ден порано загрозеното подрачје да се евакуира и да се предупреди населението. Со проектот е предвидено во еден систем да има до 8 телескопи, а според планот, сето тоа треба да профункционира до 2015 година. Сепак, успешноста на системот би била доволна само доколку е ведро и метеорот да не доаѓа од правец на Јужниот пол, од каде што тешко би можел да се забележи. Заради тоа, се предвидува изградба на паралелен систем и на јужната хемисфера. По случката со метеоритот над Русија, плановите за изградба на систем за предупредување од пад на метеори и астероиди драматично се забрзаа, па се предвидува дури и скратување на поставениот рок или надградба на системите.

Извор: http://www.24sata.hr/znanost/nasa

Подготвил: д-р Ивица Милевски

 

Оваа статија е прочитана 5532 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *