Транс – сибирската железница, најдолгата железничка магистрала во светот

22.02.2013

Железничкиот сообраќај во Русија е еден од најискористените средства за превоз како на патници, така и за товар. Русија ја има втората најдолга железничка мрежа во светот (зад САД), чија должина на сите железнички пруги изнесува 87.157 km (широк колосек – 1520 mm). Од нив добри 44,56%  или 38.842 km се електрифицирани. Имено железничкиот сообраќај во Русија започнува да се развива во почетокот на 19 век, а веќе во 1851 година во функција е пуштена железничката линија помеѓу Санкт Петерсбург и Москва.  Во втората половина на 19 век, изградбата на железнички линии зема поголем залет, пред се доминатно се гради во европскиот дел на Русија, каде до 1890 година биле изградени околу 23.000 km на пруга. Во 90 – тите години на 19 век тежиштето на изградба на железници се префрла на азијскиот дел, а со тоа ќе се предизвика интезивен развој на делот зад Урал, Јужен Сибир и далечниот исток. Главен крвотек на овие простори претставува Транс – сибирската железница, чија изградба започнала во 1891 година, а додека во употреба е пуштена во 1901 година, но првично функционира преку еден дел од Манџурија (Кина). Целосната изградба на железницата по Руска територија е завршена во 1916 година, кога во употреба е пуштена делница покрај реката Амур. Транс – сибирската железница има должина од 9.288 km и се движи низ огромни простори како што се Источно Европската Низина, Пл. Урал, Западно Сибирската Низина, Бајкалските Планини итн. По  својот пат ги пресекува скоро сите големи реки во Русија (Волга, Иртиш, Об, Енисеј,  Амур и др.). Поминува низ следниве поголеми градови: Москва, Нижни Новгород, Перм, Екатеринбурк, Омск, Новосибирск, Краснојарск, Иркутск и Владивосток. Почнувајќи од Москва па се до Владивосток поминува 7 часовни зони и потребни се осум дена за да се помине. Инаку, од транссибирската железница се разгрануваат повеќе  магистрали, од кои најзначајни се: Туркменско – сибирската железница (Новосибирск – Барнаул – Алма Ата – Ташкент), Транс – монголската железница (Улан Уде – Улан Батор – Пекинг) и Бајкалско – амурската железница (Тајшет – Братск – Тинда – Совејска Гаван).

               Железничка станица Новосибирск

Извори:

1. Панов Н, Темјановски Р. (2006) Сообраќајна географија, Скопје

2. Панов Н, Талеска М. (2007) Географија на Европа, Скопје

3. www.wikipedia.org/wiki/Trans-Siberian_Railway

Подготвил: Дарко Стојчески

Оваа статија е прочитана 6681 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *