Рускиот ГПС станува подобар од американскиот ГПС!

4.06.2012

ГЛОНАСС (Глобален навигациски сателитски систем) е позициски систем на Воздушно-космичката одбрана на Русија и моментално претставува единствена алтернатива на американскиот ГПС. Поставувањето на ГЛОНАСС системот започна уште во 1976 година за времето на СССР и до 1995 година беше речиси комплетиран. Сепак, поради распадот на СССР и слабата економија на земјата наследничка – Русија, овој систем до 2000 година стана целосно нефункционален. Но од 2001 година, ГЛОНАСС стана еден од главните приоритети на Руската вселенска програма, за што почнаа да се издвојуваат значителни финансиски средства. Од пред неколку години, овој систем, кој слично на американскиот ГПС, првично беше наменет исклучиво за воени потреби, стана достапен и за комерцијално користење. Во таа смисла, минатата година беа поставени во орбитата и последните ГЛОНАСС сателити неопходни за комплетирање на системот од 24 сателити. Од 2001 до 2011 година, Русија на ГЛОНАСС потроши околу 4 милијарди долари, а според плановите, до 2020 ќе се потрошат уште 11 милијарди долари. Од оваа сума, најмногу ќе се вложи за новите 35 сателити (Глонасс-М и Глонасс-К) кои ќе имаат подолг век на траење (7-10 години) во однос на денешните со трајност од само 2-3 години. Исто така, новите сателити ќе бидат многу попрецизни. Покрај нив, ќе се изградат повеќе земски станици кои преку посебни алгоритми, уште повеќе ќе ја зголемат прецизноста на позиционирањето. Податоците од земските „контролни“ станици повторно ќе се испраќаат кон вселената, поточно кон трите сателити-предаватели кои ќе ги насочуваат сигналите кон приемниците на земјината површина. Всушност, дури и сега ГЛОНАСС на северните географски широчини е попрецизен од американскиот ГПС систем, а точноста изнесува околу 3-4 м, во однос на 4-6 м на ГПС-от.

Инаку целиот систем, слично како ГПС-системот, функционира на принцип на 24 соодветно распоредени сателити на височина од 19.100 км, кои орбитираат околу земјата за период од 11 часа и 15 минути. Овие сателити испраќаат сигнали до приемниците на земјата, кои ја пресметуваат положбата на приемникот (координати и височина). Потребни се сигнали од барем 4 ГЛОНАСС сателити (т.н. „видливост од 4 сателити“), за да може да се одреди положбата. Колку повеќе сателити се „видливи“ од приемникот (апаратот, телефонот, таблетот), толку е подобра прецизноста. Денес, просечната координатна прецизност за цивилна употреба на ГЛОНАСС е 4,5-7,5 м, доека за ГПС е 2,0-8,8 м, во зависност од регионот на земјината површина. До 2020 година, со помош на ултрапрецизните сателити Глонасс-К, точноста ќе се зголеми на само 0,5-0,6 м, речиси двојно подобро од ГПС-от кој денес има максимална прецизност од 0,7-1,0 м. За да се обезбеди таквата прецизност, моментално се градат 16 земски станици на руската територија, две на Антарктик, а уште 30-тина ќе се изградат на јужната хемисфера, која засега не е покриена со ГЛОНАСС па ГПС-от сеуште нема „конкуренција“.

Во текот на оваа година, ГЛОНАСС ќе биде имплементиран на многу комерцијални апарати, возила, телефони (iPhone, Sony Ericsson, Samsung), таблет компјутери и слично. Следна етапа во примената ќе почне за година до две, кога ќе може со голема прецизност да се следат промените и деформациите на одредени градби, промени настанати од земјотреси и други поместувања на земјиштето, а тука секако се и воените проектили со сателитско наведување. Инаку, се повеќе производители на различна навигациска опрема и мобилни телефони, освен ГПС, овозможуваат истовремена поддршка и за ГЛОНАСС. На тој начин, ваквите уреди можат да примаат сигнали од многу повеќе сателити отколку само ГПС или ГЛОНАСС одделно, што пак значително ја зголемува брзината на одредување на позицијата, а точноста ја сведува во границите од само 2-3 м. Со тоа е подобра и попрецизна навигацијата во возилата, позиционирањето за различни цели, изработката на карти, различни истражувања и слично. Затоа, кога купувате навигационен уред или мобилен телефон, водете сметка освен стандардниот ГПС да поддржува и ГЛОНАСС систем.

Извори:
http://en.wikipedia.org/wiki/GLONASS
http://www.b92.net/zivot/nauka.php?yyyy=2012&mm=05&dd=23&nav_id=611996

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 5030 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *