Кинескиот Беидоу станува третиот глобален навигациски систем!

3.07.2015

СОМРАЅЅ или BeiDou е кинески сателитски навигациски систем, кој работи со две генерации на сателити. Од првата генерација има само 3 геостационарни сателити активни од 2000 година и тие го покриваат единствено делот на Кина. Сателитите од втората генерација се во фаза на тестирање и разместување и треба да бидат вкупно 35. Вклучуваат 5 сателити во геостационарната орбита кои треба да се компатибилни со BeiDou-1, потоа 3 сателити во семигеосинхроната орбита и 27 сателити во средна Земјина орбита кои ќе обезбедат покриеност со сигнал на целиот свет. Првиот сателит Беидоу-1А е лансиран на 30 октомври 2000 година, по што следи пуштање на вториот Беидоу-1Б во декемри истата година, а последниот сателит од оваа серија е лансиран во орбитата во мај 2003 година. Во април 2007 година започна лансирањето на втората генерација сателити од Беидоу системот (Беидоу-2), а во декември 2011 година е воспоставена основната структура на целиот системот и е отпочнато со првите тестирања и проценка на добиените параметри. Истиот месец системот станува оперативен во Кина и поширокиот регион и обезбедува пробни услуги, додека  позиционирањето, навигацијата и времето како опции се пуштени до крајот на 2011 годината. Моментално (јули, 2015 година), системот Беидоу работи со 22 сателити и веќе покрива голем дел од Азија. Се очекува овој навигациски систем целосно да биде завршен и глобално оперативен во 2020 година, а веќе започнаа да се изработуваат уреди (па дури и мобилни телефони) кои покрај GPS, GLONASS го поддржуваат и BeiDou.

Инаку, навигацискиот систем Беидоу се состои од воена (недостапна) и цивилна, односно „слободна“ компонента. Слободниот сигнал има солидна прецизност од околу 8-10 метри, забележува минимална брзина од 0,2 м/сек., а временската точност му изнесува 0,02 микросекунди. Заради подобрување на прецизноста, веќе започна изградбата на земски станици во Кина и Пакистан. Со помош на овие станици се очекува прецизноста да достигне околу 5-6 метри. Заради постигнување на уште поголема воена и цивилна прецизност, во тек се преговорите помеѓу Русија и Кина за спојување на GLONASS и BeiDou, што би значело целосна независност од американскиот ГПС и значително подобра прецизност. Се шпекулира дека на тој начин би се постигнала воена прецизност од само +-2-3 цм, а цивилната би изнесувала околу +-1,5 метри.

Така, за 5 години веројатно нашите навигациски уреди, без оглед дали се во возила, телефони, рачни или друг вид на изведба, ќе можат да регистрираат и до 100 сателити од 4 глобални навигациски системи: ГПС (САД), ГЛОНАС (Русија), Беидоу (Кина) и Галилео (ЕУ). За разлика од денешниот период, каде во длабоките долини, во градските блокови и други места, тешко се добива ГПС сигнал, за кратко време речиси ќе нема место на земјината површина без покриеност од барем неколку сателити. На „нормални“ локации едновремено уредите ќе ни регистрираат десетици сателити, дури и при многу облачно време, а прецизноста ќе се мери со десетици сантиметри. Користа што ќе ја има човештвото од сето наведено е огромна и во речиси сите аспекти на живеењето во блиската иднина.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 4940 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *