Airbnb – одличен портал за сместување, но и добра заработка од издавање на сместувачки објекти

3.07.2015

Се започна во 2008 година од страна на двајца млади пријатели, Брајан Чешки и Џо Геби кои дојдоа на идеја да основаат туристички сервис за полесно пронаоѓање на солидно сместување во било која држава од светот. Во почетокот тие не ни сонуваа дека ваквата идеја ќе ги направи вистински милијардери и тоа за само неколку години.

Airbnb е кратеница од воздух, кревет и појадок (Air, Bed и Breakfast). Тоа e сервис кој ги прескокнува класичните туристички агенции и на се поголем број заинтересирани им нуди можност да најдат поевтино сместување, соба или стан; но нуди можност и на корисниците да заработат преку изнајмување на својот објект, дом, соба и сл. Сместувањето е од празни соби, преку цели станови и апартмани, па се до уникатен простор како игло или замок. Значи во понудата не се вклучени  хотели, туку приватни апартмани, соби, куќи, станови, викендички, јахти и слични објекти. Сервисот, кој е достапен ширум светот вклучувајќи и ја Македонија, овозможува едноставност пред се. Најпрво корисникот одбира локација и период во кој ќе ја посети дестинацијата, односно за кој му е потребно сместувањето. Потоа Airbnb на карта ги прикажува расположивите (слободни) соби, станови и секакво друго сместување заедно со нивната цена и изгледот. При тоа може да се изврши селекција според цената, или максималната сума која сме во можност да ја платиме. Доколку нешто од сместувањето му се допадне на корисникот, пред да го закаже својот престој може и треба да ги разгледа и препораките и коментарите од претходните посетители. Ако оценките се високи и дадени од повеќе посетители, тогаш најверојатно станува збор за навистина солидни услови и добри „домаќини“. Во изборот значително помагаат и бројните фотографии што се поставуваат на сервисот за секој одделен објект, па дури и виде снимки и слични содржини. Интересно е што самата страница функционира и како социјална мрежа, луѓето може да оставаат пораки и препораки, регистрираните членови во секој момент може да имаат преглед на својата резервација, а оние кои го изнајмуваат имотот може да даваат свои оценки за истиот.

Airbnb нагло ја зголемува својата популарност пред се поради можноста да се најде сместување за сечиј џеб, дури и во најскапите градови и места. Така, во центарот на Париз може да се најде солиден апартман или мал стан за само 50-60 евра дневно или неколкупати поевтино од другите видови сместувања. Слично е за Лондон, Њујорк, Мадрид, Рим и многу други светски познати метрополи, но и помали ексклузивни и интересни места. Честопати има и т.н. дисконти и специјални понуди по неверојатно прифатливи цени.

Во Македонија, овој сервис нагло се шири во последните 2 години. Така, веќе има близу 1000 сместувачки објекти кои се нудат на Airbnb, а се достапни на сите заинтересирани ширум светот. За жал, повеќе од 90% од нив се сконцентрирани во Охрид со преку 550 објекти и во Скопје со 370 сместувачки единици. Потоа следи Битола со само 15 објекти за издавање, а во другите градови, бројот е едвај 1-2 објекти или воопшто нема ваков вид на сместување. Така, во целиот источен дел на државата има само 8 објекти присутни на Airbnb, што е голема загуба во време кога се укажува на туристичките вредности на овој дел на државата. Инаку, самото зачленување на сервисот е многу едноставно, брзо и речиси без никакви ризици, бидејќи тој што го издава објектот може да бара соодветен депозит за евентуална штета. Депозитот обично автоматски се враќа по заминување на гостите и утврдување дека нема никаква штета. Што се однесува на нето заработката од еднодневно изнајмување на солиден еднособен стан или апартман, во зависност од локацијата во нашата држава, таа може да биде од 10-50 евра. Сопствениците на празни станови, вили, викендички, куќи и сл., на тој начин годишно можеби губат илјадници евра, бидејќи речиси нема објект кој со мало средување и дотерување не би можел да биде издаден.

Airbnb

Бројот на корисници на Airbnb постојано расте, така што во 2013 имаше 6 милиони, а оваа (2015) година ќе има повеќе од 40 милиони корисници. Користењето на сервисот особено се зголеми по 2012 година, кога неколку инвестициски фондови вложија  над 100 милиони долари во оваа компанија со седиште во Сан Франциско. Денес, овој сервис е проценет на фантастични 25 милијарди долари и е извонредно високопрофитен. Интересно е да се нагласи дека сопствениците, иако успеале да го реализираат својот сон, живеат доста скромно. Чешки и Геби сеуште живеат заедно во станот во кој пред 8 години ја добија идејата за проектот, додека пак 30-годишниот Блечарзик кој ќе биде четвртиот најмлад милијардер на светот, сеуште на работа оди со велосипед.

Од своето лично искуство, при моите конференциски и други посети во странство, неколку пати ги имам користено услугите на Airbnb и често ми беа најдобриот, најкомфорен и најефтин избор за сместување во срцето на Париз, Виена, Прага и други градови.

Линк: www.airbnb.com

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 8844 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *