2.07.2015
Во последните дваесетина години, како да стана опсесија и предизвик кој моќен и богат град ќе има поголемо и поинтересно панорамско тркало. Така, во 2000-та година, во чест на новиот милениум, Лондон изгради огромно панорамско тркало високо 135 метри (колку 40-катниците во Скопје), наречено Милениумско тркало. Потоа, многу повисоко тркало се изгради во Лас Вегас. Годинава пак, интензивно се градат две огромни панорамски тркала од кои едното во Дубаи, а другото во Њујорк. Двата града тврдат дека нивните тркала ќе бидат најголеми во светот. Во Дубаи, во полн ек е изградбата на панорамското тркало на еден од вешташките острови наречен Блувотерс. Оваа 210 метри висока атракција, која ја гради компанијата Мерас Холдинг, ќе го надмине досегашниот рекордер, High Roller во Лас Вегас, кој има височина од 168 метри. Панорамското тркало во Дубаи, ќе има 48 луксузни кабини кои заедно може да примаат до 1400 посетители и ќе овозможи поглед на најголемите знаменитости. На самото тркало ќе се монтира 80 метри висок ЛЕД екран, на кој ќе се прикажуваат филмови, реклами и интерактивни информации. Покрај панорамското тркало, на малото вештачко острово на кое се гради панорамнското тркало, планирано е да се изгради и луксузен хотел, повеќе ресторани, шеталишта и многу продавници за свежа храна. Изградбата на најголемото панорамско тркало во светот е планирана да заврши во 2018 година, а целиот проект чини 6 милијарди долари.
Едновремено со Дубаи, во полн ек е изградбата на второто по големина панорамско тркало во светот, кое се гради во Њујорк и ќе има височина од 192 метри. Капацитетот на ова тркало ќе биде ист – 1440 посетители едновремено, во 36 кабини. Едно целосно „возење“ ќе трае 38 минути и ќе чини 20-30 долари. За разлика од Дубаи, градбата на њујоршкото панорамско тркало ќе изнесува „само“ половина милијарди долари, а се очекува годишно да го посетуваат околу 4 милиони туристи.
Речиси во исто време кога се градат двете најголеми панорамски тркала во светот, во центарот на Скопје, над реката Вардар се гради најголемото панорамско тркало на Балканот. Ќе биде високо 73 метри мерено од брегот на реката, а ќе има дијаметар од 57 метри. Скопското тркало ќе има 30 гондоли, а во една ќе можат да се соберат осуммина возрасни и две деца. Гондолата ќе може да издржи товар од 750 килограми. Максимален капацитет на патници на панорамското тркало ќе биде 300, односно 240 возрасни и 60 деца. Цената на оваа атракција ќе изнесува околу 16 милиони евра, а ќе биде завршено до 2019 година.
Извори:
http://newyorkwheel.com
http://www.skopjeinfo.mk/gradot/545796570/-london-ima-oko-nie-panoramsko-trkalo-foto
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 3477 пати!