Успешен настап на големата меѓународна научна конференција „Geomorphometry 2015“ во Познањ

30.06.2015

Clipboard01Во периодот од 22 до 26 јуни 2015 година, во градот Познањ во Полска се одржа голема меѓународна научна конференција „Geomorphometry 2015“. Тематскиот наслов на конференцијата беше „Геоморфометријата во моделирањето на природните непогоди“ (Geomorphometry for Natural Hazards Geomodelling). На конференцијата која се изведуваше во просториите на Географскиот факултет при Универзитетот „Адам Мичкиевич“ во Познањ, присуствуваа околу стотина научници од 24 држави од сите континенти. За трите дена на конференцијата, беа прикажани 70-тина говорни и 30-тина постер презентации со тематика од најновите достигнувања во геоинформациските технологии, ГИС и геоморфометрија на природните непогоди, ризици и опасности. Четвртиот ден (25.06) беше резервиран за геоинформациски работилници и најновите софтверски пакети, додека последниот, 5-тиот ден за екскурзија во околината на Познањ. Организацијата навистина беше на извонредно високо ниво, со одлични услови за презентации, работа, паузи, специјални картички за бесплатен неограничен јавен превоз низ Познањ за време на конференцијата и др. Освен големиот зборник на трудови, предвидени се неколку специјални изданија со избрани трудови од конференцијата, во врвните светски научни списанија Zeitschrift für Geomorphologie (ZfG), Natural Hazards and Earth Systems (NHESS) и Hydrology and Earth Systems (HESS).

Clipboard03На овој голем настан, свој настап имаше и д-р Ивица Милевски од Институтот за Географија при ПМФ-Скопје, како претставник од Македонија. Д-р Милевски, на главната сесија ги презентира резултатите од две интересни скорешни истражувања во Македонија. Првата презентација беше поврзана со новите начини и методи за корикција на дигиталните модели на наклони (Improvement of Slope Angle Models Derived from Medium to Fine-Scale DEM’s Key Study: Skopje Area), што беше проследено со особено внимание, бидејќи станува збор за сосема нов пристап. Втората презентација, работена заедно со карстологот д-р Марјан Темовски, се однесуваше на геоморфометриските карактеристики на карстниот релјеф во Република Македонија (DEM Based Geomorphometric Analyses of Karst Surface in the Republic of Macedonia), што исто така предизвика интерес поради изненаденоста на учесниците од толкавиот геодиверзитет на нашата држава. Во неофицијалниот дел имаше можности за дружење и комуникација со извонредни луѓе, врвни научници во својата област и докажани професионалци. Исто така, останавме воодушевени од убавината, организацијата и пристапот на колегите на Универзитетот Адам Мичкиевич, како и од самиот град Познањ, еден од главните центри на високото образование и науката во Полска.

Конференција

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 5165 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *