Утре (23.06) погледнете ја ретката појава на „Супермесечина“

22.06.2013

Во недела, 23 јуни, Месечината гледана од Земјата ќе изгледа многу поголема од вообичаеното – појава која се нарекува „Супермесечина“. Причина за тоа е што полната Месечина, поради елиптичноста на нејзината патека, овој пат ќе помине покрај Земјата многу поблиску од вообичаеното, на само 356.991 км (во однос на просечните 384.400 км). Заради тоа, полната Месечина во недела ќе изгледа 14% поголема и околу 30% посветла од било која полна Месечина во 2013 година. Воедно, таквата близина ќе предизвика 42% поголема плимска сила.

Големината на полната Месечина варира како последица на елиптичниот облик на нејзината орбита околу Земјата, со еден дел за околу 50.000 км поблиску до Земјата – положба наречена перигеум. Воедно, поради одредени осцилации во „елиптичноста“ на патеката, ова ќе биде и најблизок перигеум за 2013 година. Ваквото приближување, освен оптичкиот ефект, значително ќе ги зголеми и плимските привлечни сили, но реално тоа ќе значи повисока плима за само неколку сантиметри.

За да биде најдобро видлива „Супермесечина“ треба да се набљудува веднаш по изгревањето над хоризонтот (околу 20 часот) или пак пред заоѓање (околу 05 часот), кога е близу до хоризонтот. Поради оптичкиот ефект на атмосферата и на хоризонтот, во таква положба ќе изгледа уште поголема отколку што е реално.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 4951 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *