9.11.2016
Во понеделник, на 14-ти ноември, полната Месечина гледана од Земјата ќе изгледа многу поголема од вообичаеното – појава која се нарекува „Супермесечина“. Причина за тоа е што Месечината, поради елиптичноста на нејзината патека, ќе се најде во најблиската положба до Земјата, положба позната како перигеум (перигеј). Всушност, овој пат перигеумот ќе биде многу поблиску од вообичаеното, поточно на само 356 509 km. Интересно е што ова ќе биде најблиска положба на полната Месечина уште од 26 јануари 1948 година. Имено, изминатите истакнати „Супермесечини“ беа на околу 356 800 – 358 000 km (во однос на просечната оддалеченост на Месечината од Земјата од 384 400 km). Заради тоа, понеделничката полна Месечина ќе изгледа 14% поголема и околу 30% посветла од вообичаеното. Воедно, таквата близина ќе предизвика 42% поголема плимска сила, но засега не е сосема јасно какви се останати влијанија врз Земјата може да има силната гравитација од Месечината. Ваквото приближување, освен оптичкиот ефект, значително ќе ги зголеми и плимските привлечни сили, но реално тоа ќе значи повисока плима за само неколку сантиметри. Некои истражувања укажуваат на можни влијанија врз глобалните промени на воздушниот притисок, промени во движењето на магмата, па дури и можност од зачестени земјотреси.
За да биде најдобро видлива „Супермесечина“ треба да се набљудува (или фотографира) веднаш по изгревањето над хоризонтот (околу 18 часот) или пак пред заоѓање (околу 05 часот), кога е близу до хоризонтот. Поради оптичкиот ефект на атмосферата и на хоризонтот, во таква положба ќе изгледа уште поголема отколку што е реално.
Се надеваме и дека времето ќе биде ведро, бидејќи следната многу блиска Супермесечина ќе се случи дури за 18 години, поточно на 25-ти ноември 2034 година!
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 9071 пати!