Ноќва 3 прекрасни небесни појави!

10.02.2017

Во текот на ноќва, доколку биде ведро, ќе бидеме сведоци на троен феномен: полна Месечина, затемнување на Месечината и најблиска положба на зелената комета 45Р.
Прво ќе бидеме сведоци на вообичаена полна Месечина, која ќе се гледа од изгревањето, па до заоѓањето на истата во сабота рано наутро. Оваа т.н. февруарска полна месечина, низ светот се нарекува со разни термини, а најчесто е позната како „Снежна Месечина“.
Втората појава, ќе биде делумното затемнување на Месечината, поради што едниот раб од неа ќе биде со многу потемна (темно-сива) боја од другиот крај. Велиме делумно затемнување, бидејќи поради положбата и оддалеченоста, Земјата нема целосно да го засени нашиот природен сателит. Затемнувањето од Република Македонија ќе може да се набљудува вечерва во 23.30 часот, а максимумот ќе достигне во 01.42 (во сабота рано наутро). Инаку, тотално затемнување на Месечината ќе видиме дури следната година. Во Европа, Африка и Западна Азија, овој настан ќе биде видлив доцна во ноќта на јужното небо, додека во Централна, Северна и Јужна Америка погледот ќе биде најдобар од истокот.

Низ светот имало, но и денес има разни верувања поврзани со затемнувањето на Месечината. Така, древните Калдејци верувале дека оваа појава донесува глад, болести и природни катастрофи. Старите Европјани верувале дека за време на затемнувањето треба да се избегнуваат сексуални односи за да не произлезе лош пород. Во Индија се верува дека затемнувањето е лош предзнак, а во некои краишта на Јапонија луѓето тропаат во лончиња за да ги избркаат злите сили од затемнувањето.


Втора интересна небесна појава е кометата 45P/Хонда-Мркос-Пајдушакова. Ако никогаш не сте ја виделе до сега, овој викенд ќе има колку-толку добра можност за тоа. Имено, ноќта во петок кон сабота, оваа комета ќе биде на најблиско растојание до Земјата на „само 12,3 милиони километри“ (0,08 AU). Сепак, тоа не значи дека ќе може да се види со голо око. Ќе бидат потребни подобар двоглед или телескоп со зголемување од барем 15-20 пати и одлична ориентација на небото. Воедно, поради нејзината дифузна светлина, потоа силната осветленост на небото од полната Месечина (без оглед што ќе биде делумно затемнета), како и поради светлинското урбано загадување, навистина тешко ќе се забележи. За да се најде на небото, првин треба да се пронајде соѕвездието Херкулес на западната страна. Кометата е карактеристична по интересната зеленикава боја. Најдобро време за нејзино наоѓање ќе биде околу 1,5-2 часа по полноќ, односно во раните утрински часови во саботата.

Положбата на кометата 45Р на небото од 9-12 февруари.
Положбата на кометата 45Р на небото од 9-12 февруари.

Ако не успеете да ја видите кометата ноќва, не очајувајте, бидејќи следната можност ќе биде веќе во летото 2022 година. Секако, имате можност појавата да ја набљудувате во топлината на своите домови, во живо преку неколку опсерватории на следниот линк.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 6400 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *