14.02.2017
Кањонот Камник се наоѓа во северозападното подножје на Плачковица, 9 km источно од Штип и 5 km југоисточно од селото Радање во општината Карбинци. Поради геотектонските прилики, долж целото северозападно подножје на Плачковица се формирале повеќе стрмно всечени долинки и долови на левите притоки на Брегалница кои се спуштаат од планината.
Камник е еден од најрепрезентативните мали, релативно плитки кањончиња, создаден во долината Радањска Река, поточно нејзината притока Кошевска Река. До него се доаѓа преку с.Радање до кое има солиден асфалтен пат. Потоа, пеш или со теренско возило се влегува низ долината на Радањска Река спротиводно до селото Голем Габер. Самата долина на Радањска Река е многу специфична поради огромното количество наносен материјал, бројните плавини, камења и блокови натрупани кон долинското дно. Под селото Голем Габер се доаѓа до вливот на Кошевска Река (населението уште ја нарекува Шаплак) во Радањска, а Камник започнува на околу 300 m спротиводно од вливот. Кањончето е со должина од околу 1,5 km и длабочина од само неколку десетици метри. Всечено е долж типична раседна линија помеѓу доста распаднати, еродирани гнајсеви и цврсти амфиболити. Без оглед на малите димензии, минувањето низ кањончето, посебно преку тесните и вертикални карпи, претставува вистинско адреналинско доживување. Рекичката овде создала неколку помали, но атрактивни водопади високи до 5 m, со џиновски лонци во вид на базени. Без оглед што најчесто изгледа како мало поточе, водостојот може да биде доста променлив, а за време и после врнежи, слабиот поток станува силен и бучен пороен водотек.
Низ кањонот Камник, според сложеноста има две патеки: потешка, покрај водотекот и полесна на 30-40 m над дното. Доколку се оди по дното, на неколку места треба да се помине рекичката, што во сув период не е никаков проблем. Најубаво доживување е преку кањончето да се искачи врвот Камник (876 m) од кој се протега одличен видик, особено кон север и запад. Назад може да се вратиме повторно по кањончето (по другата патека) или преку ридот Камник директно кон Радањска Река, а преку неа до с.Радање. Вкупно растојание во двата правци е околу 12-15 km или 5-6 часа пешачење со умерено темпо. Добро е барем 2-3 претходни дена да е суво (без врнежи), зашто на карпите има лизгави делови кои може да бидат ризични за поминување. Исто така, убава пешачка тура е низ Камник да се дојде до с. Кошево, а потоа може да се излезе до интересното Тополничко Езеро (над рудникот Бучим), или пак од с.Шашаварлија да се дојде до Штип.
Иако секое годишно време е убаво за посета, сепак поради богатството со вода, колоритот, зелената боја на вегетацијата во контраст со сивкасто-црвеникавите карпи, најинтересно доживување е во пролетните месеци. Всушност, целиот овој простор има богат растителен и животински свет. Покрај природата, ќе бидете изненадени од интересниот, традиционален начин на живот во блиските села. Во секој случај, посетата на кањонот Камник претставува одлична авантура, кое ќе ви остави незаборавни впечатоци. Останува уште трекинг патеките да бидат подобро означени, но и да се постават соодветни инфо-табли кај селата Радање, Голем Габер и на врвот Камник, кои ќе помогнат во подобрата информираност на посетителите.
Автор: д-р Ивица Милевски