Највозбудливите и најживописните патишта во Македонија

21.06.2012

Во медиумите честа тема се најекстремните и најопасните патишта во светот. Меѓутоа и во нашата држава исто така има доста возбудливи, стрмни па и ризични патишта од кои ќе ви застане здивот. Овде се наведени некои од нив (подолги од 10 км), кои можеби ви се познати или сте ги поминале. Ако не сте, време е да изберете некој од наведените и да доживеете вистинска летна авантура.

Отешево – Трпејца е дел од патот Ресен-Охрид во должина од 33 км, кој преку планината Галичица ги поврзува двата града. Речиси на половина од наведената должина, патот минува низ изразито стрмен планински терен, овозможувајќи фасцинантна глетка кон Охридското и Преспанското Езеро. Особено екстремен е делот од превојот Липова Ливада (1568 м) до с. Трпејца, кој во должина од 15 км, низ бројни серпентини и опасни кривини се спушта за повеќе од 800 м. Овој пат е посебно ризичен во зимски услови, поради што често е затворен за сообраќај.

Нова Брезница – брана Козјак (12,5 km) e дел од патот од Скопје до браната Козјак кој поминува низ карстен, каменлив простор. Особено возбудлив дел е од висорамнината Рудине до браната Козјак, кој во должина од 7 км се спушта цели 700 м и тоа низ бројни свиоци по страната на стрмниот кањон. Кога ќе биде целосно довршен, вистинска авантура ќе биде асфалтниот пат од Нова Брезница до Македонски Брод, кој минува низ прекрасен клисурски и кањонски простор долж реката Треска.

Мелничани – Броштица, асфалтен пат во должина од 10 км кој од мостот преку Дебарско Езеро кај с. Мелничани (590 м), води до с. Броштица на планината Стогово, на височина од 1330 м. Тоа значи дека патот на мало растојание се искачува околу 750 м, по доста стрмни планински падини. Овој пат е тесен и ризичен за возење, особено во зимски услови, кога често е невозможно да се искачи. Затоа пак нуди фантастична глетка кон Дебарската Котлина и околните планини.

Гостивар – Дебар (70 км), регионален асфалтен пат кој ги поврзува овие два града во западниот дел на Македонија. Највозбудлив е делот кој минува по кањонот на реката Радика, во должина од 35 км. Не само што е живописен, туку овој дел во зимскиот и пролетниот период е доста ризичен поради честите појави на лавини, одрони и свлечишта по стрмните падини на планината Бистра. Речиси сите други патишта во овој дел што се искачуваат по планините, а особено патот Маврово-Галичник и Центар Жупа-Броштица, се навистина интересни, впечатливи и на одредени делници ризични за возење.

Тетово – Попова Шапка (19 км), локален асфалтен пат кој од Тетово (480 м) се искачува до Попова Шапка на височина од 1720 м. Тоа значи дека по бројните серпентини и остри кривини, вкупно се искачува 1240 м, што е значителна височина. Иако редовно се одржува, патот е ризичен  со оглед на конфигурацијата, но затоа пак нуди одличен поглед кон Полог, врвовите на Шар Планина и подалечните планини (Сува Гора, Жеден, Јакупица). Особено интересен е и асфалтниот крак од овој пат кон с.Бозовце, кој минува низ преубавата долина на р.Пена.

Страцин – Кратово – Пробиштип (35 км), регионален асфалтен пат кој минува низ интересен палеовулкански простор. Патот е со бројни непрегледни и опасни свиоци, особено од Кратово до Пробиштип (17 км), каде стрмно се искачува преку планината Плавица и превојот Жгури (878 м). Во овој дел, доста возбудливи се и локалните асфалтни патишта од Кратово до с. Каврак (18 км), потоа патот од с. Злетово до с. Лесново (10 км), а особено новиот асфалтен пат од с. Злетово до браната Кнежево (19 км).

Кочани – Пониква (20 км), локален асфалтен пат кој од Кочани води до рекреативниот центар Пониква, искачувајќи се цели 1200 м. Инаку, не е многу ризичен за возење, а на некои места нуди извонредна глетка кон Кочанската Котлина, Осоговските Планини и Плачковица.

Хамзали – Суви Лаки (16 км), дел од регионалниот асфалтен пат кој ги поврзува Струмица и Берово. Овој дел од патот, стрмно се искачува околу 900 м по јужните, претежно каменливи, гранитни падини на планината Огражден. Патот е со бројни свиоци и стрмнини, меѓутоа и со одличен видик кон Струмичката Котлина! Преку зима е проблематичен за поминување, а често има и одрони со свлечишта.

Лесковица – Пепелиште (21 км), регионален асфалтен пат, кој ги поврзува Штип и Радовиш со Неготино, односно со Коридорот 10. Патот минува преку ниската планина Серта, првин се искачува до превој висок 780 м, а потоа низ бројни кривини и свиоци се спушта до с. Пепелиште на 126 м надморска височина. На некои делови од патот се протега одличен панорамски видик кон Крива Лакавица и Тиквеш.

Конопиште – Рожден (14 км), дел од асфалтниот пат Кавадарци-Рожден кој минува низ прекрасен предел од висорамнината Витачево кон долината на Блашница и потоа кон селата Рожден и Мајдан. Патот е тесен, со многу кривини и главно стрмен (се спушта над 500 м), така што треба внимателно возење. Меѓутоа доживувањето при убаво време е навистина уникатно.

Гевгелија – ски центар Кожуф (40 км) е асфалтен пат кој води од Гевгелија (45 м) до високите делови на планината Кожуф на околу 1800 м, односно кај ски-центарот. Патот главно води по интересната клисура на Коњска Река, а на некои места многу стрмно се искачува, низ бројни остри свиоци и серпентини. Највозбудлив е делот од Смрдлива Вода до ски центарот во должина од 15 км и искачување (денивелација) од 1100 м. На некои места од патот има навистина фантастична глетка. Сепак, поради честата појава на свлечишта, одрони, лизгавост и непрегледност, потребно е многу внимателно возење.

Освен наведените асфалтни патишта, по планинските терени во Македонија има бројни макадамски и останати патишта кои се уште поекстремни и опасни. Такви се на пример макадамските патишта Скопје – Солунска Глава (2540 м), потоа Скочивир-Кајмакчалан (2520 м), како и повеќе патишта по Шар Планина, Кораб и Пелистер.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 10477 пати!

2 thoughts on “Највозбудливите и најживописните патишта во Македонија

  1. Мошне интересна листа. Од оние кои јас ги познавам би го додал уште патот Нова Брезница – Кула – Капина – Коломот, асфалтиран пат со ширина од 2,5 m, во должина од 16,3 km, пуштен во употреба во 50 – те години на 20 век. Првична намена на патот е поврзување на Скопје со шумскиот резерват Јасен (ЈПУЗПП Јасен), но исто така се користи и како алтернатива за регионалниот пат Скопје – Македонски Брод, притоа се поминува во временски зони во една насока. Имено патот од преминот Кула (1135 m) кон Коломот (во должина од 9,1 km) се спушта 645 m, а особено впечатлива е делницата Кула – Капина во должина од 6,4 km, каде патот се спушта 355 m. Оваа делница е особено возбудлива за возење, истата е тесна изразена со многу кривини, на делови има заштитни банкини, а делови се без нив, притоа возејќи се надѕира провалијата кон долина Пеколник. Од оваа делница се отвара прекрасна глетка кон Езерото Козјак (Поречко Езеро), како и кон соседната планина Сува Гора, а на делови се забележува и сувогорското село Гургурница (1220 m).

  2. Меѓу најинтересните и атрактивни патишта кој би требало да го има во оваа листа е патот Прилеп-Велес (преку Бабуба) кој во должина од над 20 км (најмалку 1/3 е неасфалтиран), но нуди фантастични пејзажи и глетки преку планинанта, како и реката Бабуна. Возењето по овој пат е посебно доживување. Би било супер кога би бил целосно асфалтиран, ама тоа тешко дека некогаш ќе се случи.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *