Пред нашата, постоела некоја друга вселена?

27.06.2012

Анализирајќи ја фотографијата со микробрановото зрачење која ја сними сондата на НАСА, професорот Роџер Пенроуз од Универзитетот во Оксфорд дојде до заклучок дека пред нашата, постоела некоја друга вселена. Како што пренесува Daily Mail, Истражувањето на Пенроуз даде уште некои докази во прилог на теоријата која вели дека вселената поминала низ неколку Големи експлозии и Големи стегања. Ова откритие е во спротивност со теоријата која вели дека вселената бесконечно ќе се шири и постепено ќе исчезне. Британскиот професор кој во 1998 година заедно со Стивен Хокинг доби награда за придонесот на нашето знаење во однос на вселената, заедно со колегата Вах Гурзадјан го откри она што се претпоставуваше дека е позадинско зрачење постаро од 14 милијарди години, односно постаро од вселената. Пенроуз верува дека со текот на времето, црните дупки ќе ја „проголтаат“ целокупната материја во вселената. За концентричните кругови од заднинско зрачење кои се гледаат на фотографијата, вели дека се последица на многубројни големи експлозии и судири на супермасивни црни дупки. Неговата проекција предвидува дека крајниот ефект од дејството на црните дупки ќе биде тој што ќе остане само енергијата, која во даден момент ќе послужи како основа за следната Голема експлозија и настанување на некоја нова вселена. Според тоа, по завршувањето на „животниот век“ на една вселена, настанува нова вселена, со можеби сосема поинакви карактеристики. Прашањето е само до кога ќе се шири нашата денешна Вселена, за која се смета дека веќе достигнала пречник од преку 100 милијарди светлосни години!

Извор: http://www.dailymail.co.uk

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 3999 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *