Пак ништо од „опасниот“ и „уништувачки“ астероид?

12.10.2015

asteroidДеновиве повторно една од највозбудливите астрономско-популарни информации во домашните медиуми беше поминување на астероид во „близина“ на Земјата. Така, имаше бројни наслови во стилот: „Астероид за малку ќе ја промаши Земјата“ или „Огромен астероид опасно и се приближува на Земјата“ и слични. Но каде во сето тоа е вистината?
Оваа, како и бројни други „научно-популарно-информативни“ статии, голем дел од нашите портали најчесто буквално и без проверка ги преземаат од регионалните (обично српски и хрватски) медиуми и единствено што се додава во текстот е некој бомбастичен збор во насловот со кој ќе се привлече внимание и читаност. Секако и регионалните медиуми ги преземаат статиите, меѓутоа дел од нив барем го цитираат вистинскиот извор и со тоа на некој начин се оградуваат од евентуално погрешно пренесени или непотврдени информации. Вистинскиот извор пак е НАСА, ЕСА (Европска Вселенска Агенција), познатите интернет изданија како Daily Mail (Science), National Geographic и др. Токму ако се прочита вистинскиот извор, Daily Mail и директните изјави од НАСА ќе се види за што станува збор. Имено, уште во летото, се појавија шпекулации низ светот од повеќе „квази“ добро информирани кругови дека Земјата на крајот на септември ќе ја погоди голем астероид. Тоа се поклопи со приближувањето на астероидот А 86666 (ознака, реден број) покрај Земјата. Овој астероид е откриен уште во 2000 година, а од тогаш, неговата патека постојано се следи. Пречникот му е 2,5 км, а брзината на движење околу 16-17 км/сек. Поради својата големина и брзина, кога би се судрил со Земјата, астероидот 86666 навистина би предизвикал катастрофални последици. Меѓутоа, уште од пред неколку години се знаеше дека истиот на 10 октомври ќе помине најблиску, но сепак на барем 20 милиони км оддалеченост од нашата планета (помина на 25 милиони км), што значи дека шансите за судир се практично нула! Всушност тоа е како со фудбалска топка да промашите гол не за 10 или 20 м, туку за „само“ 14 км! Всушност, за да се разбијат шпекулациите, од најголемите вселенски агенции, посебно од НАСА укажуваат дека за следните 10 години не постојат ама баш никакви шанси Земјата да се судри со астероид поголем од 10 м. Во следните пак 100 години, речиси нема никаква веројатност за судир со астероид поголем од 20-30 м, а дури и за таков, веројатноста да удри во густо населена област се извонредно мали. На што се должи ваквата сигурност во претпоставките: едноставно на моќната техника, земјени и вселенски телескопи, кои откриваат и најситни астероиди неколку години пред да ни се приближат. Од друга страна се „статистичките“ вредности базирани на судирите со астероиди во минатото, кои биле забележани од луѓето или од „природата“ (кратери, геолошки слоеви и сл.).

Всушност, за можната (не)веројатност за судир со астероид во текот на нашиот животен век, пишувавме подетално во оваа статија на ИГЕО.

Затоа, едноставно уживајте во погледот на ноќното небо и не се плашете од насловите по медиумите – шансите да не „убие“ астероид се извонредно мали во однос на сите други секојдневни закани!

Извор: http://www.dailymail.co.uk/sciencetech/article-3266392/Giant-Asteroid-86666-headed-Earth-weekend-don-t-worry-Nasa-says-1-5-mile-wide-space-rock-poses-no-threat.html

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 3228 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *