8.10.2015
Минатата недела, од страна на ГИС одделот на Тримакс Картографија од Скопје, а под стручна консултација на д-р Ивица Милевски (ПМФ-Скопје), заврши изготвувањето на детална векторска улична мрежа на Македонија за големиот навигациски гигант TomTom. Во постапката, вкупно беа дигитализирани околу 8000 км улици и патишта од разни категории (од пешачки зони, до булевари и транзитни автопати) во границите на 34 градови. Заради краткиот временски период кој беше на располагање (неполни 6 месеци), се користеше целосно нов пристап на автоматска и полуавтоматска дигитализација и обработка на податоците од постоечките датабази, сателитски снимки, градски планови и карти. Овој нов, доста брз, но и прецизен пристап беше мошне позитивно евалуиран од стручниот тим на TomTom, поради што се очекува продолжување на воспоставената соработка.
Инаку, интересно е да се напомене дека најчести улици се од типот резиденцијални или станбени, со максимална брзина од 30 до 40 км/ч. Апсолутно доминираат асфалтираните улици, но за жал, сеуште околу 14% се неасфалтирани, посебно во некои градови како Куманово, Св. Николе, Дебар и др.
Најчести имиња на улиците во нашите градови се: Гоце Делчев, Илинденска, Александар Македонски, 8-ми Септември, Питу Гули, Орце Николов, Никола Карев, Мирче Ацев, Партизанска, 11 Октомври и др. Интересно е што чести се имињата и од херои и настани во поранешна Југославија како: Маршал Тито, Вељко Влаховиќ, 4-ти Јули, 29-ти Ноември, 22 Декември, Борис Кидрич, Иво Лола Рибар, Братство и Единство и др. Има и многу улици именувани со броеви, но и такви со уникатни имиња како: Волт Дизни, Гвадалахара, Гутенбергова, Дванаесет Кладенци, Димитар Туриманџовски, Домазетовска, Јорганџиска, Кајгана, Леблебиџиска, Нил Армстронг, Нов Живот, Пајак, Скинати Пранги и сл.
Како и да е, веќе во текот на следниот месец, новата дигитална улична мрежа за Македонија ќе биде достапна во картите на ТомТом и на нивната неодамна поставена онлајн интерактивна карта на следниот линк: http://routes.tomtom.com/#/map.
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 5471 пати!