20.06.2013
Утре (петок), на 21 јуни, во 7 часот и 4 минути, на 171-виот ден во годината, на северната полутопка и во Република Македонија почнува летото. Поради поставеноста на Земјата кон Сонцето, на северната полутопка во петокот ќе биде најдолгиот ден во годината (летен солстициум), а на јужната пак, ќе биде најкраткиот ден. Така, Сонцето во Скопје ќе изгрее во 4 часот и 58 минути, а ќе зајде во 20 часот и 12 минути. Денот ќе трае цели 15 часа и 14 минути, а ноќта само 8 часа и 46 минути. Веќе од саботата (22.06), деновите ќе почнат да се скратуваат за по околу 2-3 минути, а за сметка на тоа ќе се зголемуваат ноќите и тоа до зимскиот солстициум (зимска краткоденица) на 21 декември 2013 година. Поради елипсоидната форма на Земјата, должината на најдолгиот ден и најкратката ноќ се различни одејќи од екваторот кон половите, а различни се дури и во нашата држава. Така, во најјужните делови на Македонија (во правец на Битола), денот ќе трае 15 часа и 5 минути, а во најсеверните делови (над Крива Паланка) ќе трае 15 часа и 17 минути. На екваторот, денот и ноќта ќе траат подеднакво по 12 часа. На северниот пол, пак, денот веќе трае непрекинато 6 месеци, а на јужниот пол со слично траење од 6 месеци е ноќта. Летото ќе трае 93 дена и ќе заврши на 22 септември во 22 часот и 44 минути (по средноевропоско време кое е официјално и во Македонија), кога на северната полутопка ќе почне есента. Веќе за првите денови на летото се најавуваат високи температури до 37 степени целзиусови, а прогнозите се дека оваа лето ќе биде доста топло, речиси како и минатото (2012). Почести заладувања ќе има во август, а доста високи температури во месец јули. Воедно, ни претстои доста сушен период до крајот на септември. Наведеното е во согласност со досегашните сценарија и проценки за ефектот на климатските промени во овој дел на Европа. Затоа планирајте каде и како ќе се разладувате, но воедно внимавајте на претераната изложеност на високите температури и УВ зрачење! (За повеќе информации за годишните времиња и опасноста од УВ зрачење видете ги статиите на ИГЕО порталот).
Извор: http://www.accuweather.com/en/weather-news/2013-europe-summer-forecast/13458131
Автор: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 4407 пати!