21.09.2020
По доста жешкото и сушно лето, утре на 22 септември (267-иот ден во годината), во Македонија и на северната хемисфера, календарски ќе започне есента. Во Македонија, таа официјално ќе пристигне во 15.30 часот по средноевропско време. Во првиот ден на есента, денот и ноќта на целата Земјина топка ќе траат подеднакво, со тоа што на северната хемисфера ќе биде есенска рамноденица (еквиноциум), а на јужната пак пролетна рамноденица (таму почнува пролетта). Во првиот есенски ден, Сонцето ќе изгрее во 6 часот и 22 минути точно на исток, а ќе зајде во 18 часот и 30 минути точно на запад. Оддалеченоста на Земјата од Сонцето ќе биде околу 149,5 милиони километри или блиску до просечната вредност.
Есента ќе заврши на 21 декември. Тогаш на северната полутопка ќе почне зимата и овој ден е познат како зимски солстициум или зимска краткоденица. Значи од утре, постепено до 21 декември ноќта ќе се зголемува до максималните 15 часа, а денот ќе се намалува до само 9 часа. Во исто време, додека на северната хемисвера почнува есента, на јужната пак започнува пролетта и таму ноќите ќе стануваат пократки од деновите исто така до 21 декември, до 11 часот и 2 минути. За причините за промена на годишните времиња, повеќе можете да видите овде.
Инаку, според NOAA оваа лето ќе остане запаметено како едно од најсушните во последните децении, не само во Македонија туку и на целиот Балкански Полуостров, па и пошироко. Не само што август 2020 година беше одбележан како рекорден втор најтопол август на северната хемисфера, туку воедно беше и најтоплото лето, а светот, како целина, ја имаше и својата трета најжешка летна сезона. Според accuweather, NOAA, NASA и др., за разлика од летото, се очекува есента во јужниот дел на Балканот и во Македонија да биде релативно потопла од просекот, посебно во месеците ноември и декември.
Како и да е, секое годишно време е интересно по своите карактеристики, па така, во следните 3 месеци може да уживаме во убавините и пријатните есенски денови.
Подготвила: Бојана Алексова, студент на наставна географија
Оваа статија е прочитана 3913 пати!