Утре во 12 часот и 2 минути започнува пролетта

19.03.2012

По релативно благата и не многу снежна зима кај нас (но не и во другите делови на Европа), утре, односно на 20.03.2012 година, во 12 часот и 2 минути стигнува пролетта. Утрешниот ден, на целата земјина топка, денот и ноќта траат подеднакво (поточно речиси подеднакво), по приближно 12 часа. Всушност поради влијанието на атмосферата и прекршувањето на сончевите зраци низ неа, денот ќе трае за околу 10 минути подолго. Сонцето утре ќе излезе околу 5 часот и 40 минути точно на исток, а ќе зајде околу 17 часот и 50 минути точно на запад.
Пролетта завршува на 21 јуни, кога во 6 часот и 4 минути на северната полутопка почнува летото, а овој ден е познат како летен солстициум или летна долгоденица. Значи од утрешните нешто повеќе од 12 часа, постепено до 21 јуни денот ќе се зголемува до 15 часа, а ноќта ќе се намали на само 9 часа. Во исто време, додека на северната хемисвера утре почнува пролет, на јужната пак започнува есента и таму ноќите ќе стануваат подолги од деновите исто така до 21 јуни. За причините за промена на годишните времиња, повеќе можете да видите овде.

Според тоа, следните 3 месеци или поточно 92 дена може да уживаме во пријатните пролетни денови.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 4861 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *