Во сабота на 22 септември почнува есента

19.09.2012

По доста жешкото и сушно лето, во сабота на 22 септември, во 16 часот и 49 минути по средноевропско време, започнува есента. Тој ден на северната хемисфера е есенска рамноденица, а на јужната пак пролетна рамноденица (таму почнува пролетта), односно денот и ноќта траат подеднакво (еквиноциумски ден). Всушност поради влијанието на атмосферата и прекршувањето на сончевите зраци низ неа, денот ќе трае за околу 10 минути подолго. Во сабота, Сонцето ќе излезе околу 6 часот и 25 минути точно на исток, а ќе зајде околу 18 часот и 35 минути точно на запад. Оддалеченоста на Земјата од Сонцето ќе биде околу 149,5 милиони км или близу просечната вредност.
Есента ќе заврши на 21 декември во 12 часот и 11 минути. Тогаш на северната полутопка почнува зимата и овој ден е познат како зимски солстициум или зимска краткоденица. Значи од сабота, постепено до 21 декември ноќта ќе се зголемува до 15 часа, а денот ќе се намали на само 9 часа. Во исто време, додека на северната хемисвера почнува есента, на јужната пак започнува пролетта и таму ноќите ќе стануваат пократки од деновите исто така до 21 декември. За причините за промена на годишните времиња, повеќе можете да видите овде.
Инаку оваа лето ќе остане запаметено како едно од најжешките и најсушните во последните децении, не само во Македонија туку и на целиот Балкански Полуостров, па и пошироко. Така, максималните температури на воздухот во пониските места во Македонија, долго се задржуваа над 35 степени целзиусови, а по долината на Вардар дури и над 40 степени целзиусови. Тоа погодуваше за брзо активирање и тлеење на голем број пожари низ различни делови на државата, иако не толку како во 2007 година.
Како и да е, следните 3 месеци може да уживаме во пријатните и посвежи есенски денови.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 6049 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *