Во недела почнува есента!

19.09.2013

По просечно топлото лето во Република Македонија, во недела на 22 септември, во 22 часот и 44 минути по средноевропско време, започнува есента. Тој ден на северната хемисфера е есенска рамноденица, а на јужната пак пролетна рамноденица (таму почнува пролетта), односно денот и ноќта траат подеднакво (еквиноциумски ден). Всушност поради влијанието на атмосферата и прекршувањето на сончевите зраци низ неа, на 22 септември денот ќе трае за околу 10 минути подолго (вистинска рамноденица ќе биде на 24-25 септември).
Во неделата, Сонцето ќе излезе околу 6 часот и 27 минути точно на исток, а ќе зајде околу 18 часот и 37 минути точно на запад. Оддалеченоста на Земјата од Сонцето ќе биде околу 150,1 милиони км или близу просечната вредност.
Есента ќе заврши на 21 декември во 18 часот и 11 минути. Тогаш на северната полутопка почнува зимата и овој ден е познат како зимски солстициум или зимска краткоденица. Значи од недела, постепено до 21 декември ноќта ќе се зголемува до 15 часа, а денот ќе се намали на само 9 часа. Во исто време, додека на северната хемисвера почнува есента, на јужната пак започнува пролетта и таму ноќите ќе стануваат пократки од деновите исто така до 21 декември.
Инаку оваа лето во Македонија и на Балканскиот Полуостров беше просечно топло и значително поладно од претходната година. Максималните температури само неколку пати се приближија или надминаа 40 степени и тоа во јужниот дел по долината на реката Вардар. Сепак, во светски рамки дури и ова лето беше меѓу потоплите во последните децении.

Како и да е, следните 3 месеци може да уживаме во пријатните и посвежи есенски денови.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 5625 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *