Што се тоа “променливи ѕвезди”?

20.09.2013

Ниту една ѕвезда од илјадниците што ги гледаме на небото нема совршено константен сјај. Сепак, кај најголем број на ѕвезди, дури и за подолги временски периоди немаат промена на сјајот. Но во минатиот век се откриени помал број на ѕвезди чија сјајност се менува во одредени временски интервали. Овие, таканаречени променливи ѕвезди имаат огромно значење, бидејќи овозможуваат да се измерат растојанијата до галактиките, а со тоа да се запознае и структурата на вселената. Имајќи ја во предвид формата на кривата на промена на сјајот, променливите ѕвезди може да се поделат на неправилно променливи и правилно променливи. До сега се издвоени два вида на неправилно променливи ѕвезди:

Затемнувачки променливи не се “вистински” променливи, поради тоа што индивидуалните ѕвезди од системот не мора да се подложни на промени на сјајноста, туку, гледани од Земјата, периодичните затемнувања се тие што предизвикуваат светлината од системот да е променлива. Еруптивни променливи се оние кај кои во текот на нивната еволуција се јавуваат силни ерупции, распламтувања и експлозии. Кај овие ѕвезди, наречени нова, супернова и пламтечки ѕвезди, интензитетот на светлина значително варира. Во текот на еволуцијата, кај некои „ослабени” ѕвезди може да се јави силна експлозија, при која во вселената се исфрла дел од нејзината маса. Пред да експлодираат, претставуваат мали топли ѕвезди (познати како полуџуџиња). За време на нивната експлозија се исфрла обвивка од гас. Брзото ширење на обвивката предизвикува нагло зголемување на сјајноста за 5.000 – 10.000 пати. Таквата појава е наречена нова (значи нешто ново), а во нашата Галактика секоја година се случуваат по неколку нови (веројатно се појавуваат 20-30, но најголемиот број остануваат незабележани). За пораст на сјајноста на нова се потребни само неколку часа, додека опаѓањето може да трае со месеци и години. Остаток од нова обично е мала ѕвезда – бело џуџе. Додека од една страна експлозиите на нова предизвикуваат зголемување на сјајноста и до 10.000 пати, од друга појавата на супернова се карактеризира со таков пораст од околу 100 милиони пати. Супернова во една секунда зрачи енергија која по количина е еднаква на онаа што Сонцето ја зрачи за неколку години. Во последниве 1000 години во нашата Галактика биле забележани само 3 супернови: 1054 год. (Маглината Рак); 1572 год. (Ѕвездата на Тихо) и 1604 год. (Кеплерова ѕвезда). Проценето е дека суперновите се појавуваат во галактиката на секои 30 години, но правот во вселената оневозможува да набљудуваме поголем дел од нив. Релативно блиска супернова била забележана во февруари 1987 год. во Големиот Магеланов Облак. Пламтечки ѕвезди се ладни ѕвезди (спектрален тип М) кои понекогаш покажуваат нагли зголемувања на сјајноста. Овие пламнувања имаат непериодичен карактер. Нивната појава може да трае само неколку секунди, до неколку часови. Емитираната светлина за време на пламнувањето, најчесто има сина боја и покажува температура и над 20.000°С.

Во правилно променливите ѕвезди се издвоени два главни типа: цефеиди и пулсари. Цефеидите претставуваат најважна група на правилно променливи. Овие ѕвезди се подложени на правилни пулсации и имаат периоди кои траат од 3 до скоро 100 дена. Нивните светлосни криви се карактеризираат со релативно брз пораст на сјајот и помалку забележително опаѓање. Северната ѕвезда, Поларис е Цефеид-променлива чија сјајност се менува во период од околу 4 дена. Цефеидите се или џинови или суперџиновски ѕвезди. Тие имаат пропорционален однос должина на сјајниот период – интензитет на сјајност, што е од примарно значење за астрономијата, бидејќи преку него може да се измери оддалеченоста до секоја Цефеида, како и до секоја галактика или јато ѕвезди кое содржи таквата променлива. Ваквиот метод, Едвин Хабл од Опсерваторијата Монт Вилсон, 1924 год го искористил за мерење на првото растојание до некоја галактика вон Млечниот Пат. Пулсари се откриени во 1967 год., за време на едно рутинско радио пребарување, кога астрономите од една опсерваторија во Англија забележаа нагло променлив извор на радиосигнали на небото. Поради чудните и правилни пулсации, првин се мислело дека станува збор за некакви интелигентни суштества кои населуваат други ѕвездени системи. Сепак, натамошните пребарувања покажале дека појавата е доста честа, а ваквите објекти биле наречени пулсари. Пулсарите зрачат правилни импулси во многу кратки интервали – слично на светилник. Интервалите можат да бидат од само неколку стотинки па до неколку секунди. Современите истражувања покажуваат дека тие се последица на брза ротацијата на неутронска ѕвезда – ѕвезда со маса колку Сонцето а пречник од само неколку километри. Ваквите ѕвезди имаат огромна густина (една кутија за цигари полна со ваков материјал, би тежела илјадници тони) и претставуваат последен еволутивен стадиум на средно-масивни ѕвезди (5-10 сончеви маси).

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 9093 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *