20.09.2013
Пештерата Шондонг (Son Doong) се наоѓа длабоко во џунглите на Виетнам, на границата со Лаос. Таа во 1991 година случајно била пронајдена од локален жител и неодамна е прогласена за најголема пештера која воопшто е откриена. Никој до сега не можеше да претпостави дека на нашата Земјина топка постои нешто што е толку многу големо, во кое можат да се сместат цели облакодери и градски квартови. Познати Британски истражувачи во 2009 година ја истражуваа пештерата Шондонг со најнова ласерска технологија и докажаа дека е најпространата, највисоката и најшироката пештера која до сега е откриена во Светот. Иако има многу пештери подолги од неа (до сега е истражена во должина од 8 км), Шондонг е висока над 200 м, а широка околу 150 м. Најголемата пештерска сала е долга извонредни 5 км! Во пештерата можат да се забележат неверојатни природни појави како што се огромни сталагмити и сталактити, пештерски бисери со големина на топче за голф, голема подземна река, подземна џунгла, разновидни фосили, пештерски екосистеми и многу други чуда, кои мајката природа со илјадници години ги оформувала. Всушност, според анализите на истражувачите, пештерата се создава веќе 5 милиони години со всекување на големата подземна река во варовниците. Од август оваа (2013) година, пештерата е отворена за сите љубители на авантурата и адреналинот. Постојат специјализирани и добро обучени водичи кои посетителите ги водат низ мистериозната пештера. Турата е доста скапа (3000 долари по лице), но ако се земе во предвид фактот дека се присуствува на нешто неверојатно што до сега не е видено, похрабрите и оние кои тоа можат да си го дозволат, со задоволство ќе се решат на таква авантура. Благодарение на National Geographic и на фотографиите кои ги направи фотографот Carsten Peter и ние имаме можност виртуелно да прошетаме низ оваа неверојатна и мистериозна пештера.
Извор: http://news.nationalgeographic.com
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 5004 пати!