Следната година покрај Земјата ќе помине комета 15 пати посветла од Месечината!

30.09.2012

Следната година покрај Земјата би требало да помине комета која кога ќе се приближи кон Сонцето ќе биде значително посветла и од Месечината. Кометата ИСОН, која неодамна ја открија руските астрономи, веќе е навлезена кон средишниот дел на Сончевиот систем. Моментално, таа се наоѓа помеѓу Сатурн и Јупитер, на оддалеченост од околу 800 милиони км. На својот пат кон Сонцето, во ноември и декември идната година ќе биде видлива од северната хемисфера на Земјата и тоа во период од повеќе недели. Се претпоставува дека оваа комета ќе свети посилно од било која комета во минатиот век, а можеби ќе биде видлива и среде ден, пишува „Дејли Мејл”. Ова движење на ИСОН кон Сонцето можеби ќе биде последно, бидејќи се очекува да му се приближи на само 3-4 милиони км и да биде „проголтана“. Доколку сепак ја преживее средбата со Сонцето, ќе поминат стотици илјади или милиони години пред да се врати повторно покрај Земјата. Кометата ќе свети така што сончевата топлина ќе го претвори мразот од кометата во гас, кој потоа ќе остава светлосна опашка долга стотици илјади километри. Се смета дека оваа комета доаѓа од најдалечните делови на Сончевиот систем, поточно од Оортовиот облак кој се наоѓа 50000 пати подалеку од Сонцето отколку што е Земјата. Последната многу сјајна комета која многу јасно се гледаше од северната хемисфера (секако и од Македонија) беше Хале-Боповата комета во март 1997 година. Поминувањето на ИСОН можеби ќе биде една од најспектакуларните астрономски феномени на кои ќе бидеме сведоци во оваа деценија, а можеби и подолго.

Извор: http://www.dailymail.co.uk

Подготвил: д-р Ивица Милевски 

Оваа статија е прочитана 3765 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *