НАСА до крајот на оваа деценија планира да изгради вселенска база на темната страна на Месечината

30.09.2012

Неодамна НАСА поднесе план кој треба да биде разгледан од Белата куќа, а се однесува на идејата до 2017 година во геостационарната орбита на Месечината да се постави прва база со постојан човечки екипаж. Истата би претставувала почетна точка за идните мисии на Марс, кон астероидите и длабоката вселена. Базата би требало да се наоѓа на околу 455.000 км од Земјата во таканаречената ЕМЛ2 точка, што е значително подалеку од Меѓународната вселенска станица која е оддалечена само 370 км. Оваа база или станица, пред научниците на НАСА става големи дилеми чие решавање ќе придонесе за идните долготрајни вселенски патувања со човечки екипаж. Тоа пред се се однесува на обезбедување кислород, вода и храна, како и заштита на астронаутите од опасното космичко зрачење. Основата на идната база би требало да претставува вселенската капсула Орион, па затоа работниот назив на базата е OSS (Orion Space Station). Две години по поставувањето на базата во месечевата орбита, НАСА планира да изгради станица со постојан екипаж на темната страна од површината на Месечината, па двете градби би биле во меѓусебна корелација. За да се овозможи реализација на вака голем проект, потребни се огромни средства од околу 3 милијарди долари годишно. Сепак се верува дека властите на САД ќе бидат свесни за значењето на ваков проект и потребата за поставување на „појдовна точка“ за вселенските мисии. Особено ако се има во предвид дека Русија, Кина, Индија и Европската Унија се поинтензивно ги развиваат своите планови и активности за освојување на Месечината, Марс и големите сателити на Јупитер и Сатурн.

Извор: http://znanost.geek.hr

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 5178 пати!

One thought on “НАСА до крајот на оваа деценија планира да изгради вселенска база на темната страна на Месечината

  1. Дали е на повидок нова „вселенска“ трка? Останува да се види, меѓутоа пак изгледа дека се водат по слични принципи, по „блоковска поделеност“ во ситуација да го истражуваат непознатото.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *