5.04.2015
Според најновиот извештај кој произлезе од собирот на 70-тина научници блиски до НАСА, оваа организација својата прва човечка мисија на Марс ќе ја реализира во 2039 година, што е многу подалеку од претходно најавуваниот тајминг помеѓу 2022 и 2028 година. Научниците кои се дел од „Планетарното здружение“ (Planetary Society) ги зеле во предвид трошоците, изводливоста на мисијата и сите пречки кои сеуште не се решени во тој поглед. Нивниот извештај вели дека мисијата на Марс е неспоредливо поскапа и потешка отколку онаа на Месечината. Така, пред слетувањето на Марс, ќе биде неопходна претходна 30-месечна мисија која до неговиот сателит Фобос, која најверојатно ќе почне во 2033 година. Фобос е поголемиот и поблискиот од двата минијатурни природни сателити на Марс со пречник од околу 25 км и оддалеченост од 9 500 км. Од Фобос е многу полесно да се упати леталото назад кон Земјата (поради помалата гравитација), а воедно од блиску ќе се анализираат појавите и состојбата на Марсовата површина пред директното спуштање на оваа планета. Првата човечка мисија на Марс повторно ќе мора да трае најмалку 30 месеци, од кои по 9 месеци за патување во двете насоки и најмалку една година за престој на планетата. Зошто е неопходен толкав период? Марс прави една револуција околу Сонцето за скоро 2 Земјини години (Земјини револуции). За тој период, растојанието помеѓу Марс и Земјата се менува од 55 милиони км (најмало) до 400 милиони км (најголемо). За патувањето во еден и друг правец да е што пократко, треба да се одбере период кога двете планети се што е можно поблиску (55-70 милиони км). Дури и тогаш, патувањето во еден правец, при сегашната најголема брзина на вселенските летала (15 км во секунда), ќе трае цели 9 месеци. За да наиде следниот поволен период за патување од Марс кон Земјата, екипажот ќе мора да причека на Марс цела година и да помине уште 9 месеци патувајќи до Земјата (доколку е се во ред). Престој од речиси 3 години во така тесен простор не поголем од еднособен стан (дури и додека се на површината на планетата, екипажот најголем дел од времето ќе мора да го помине во заштитената сонда), со само неколкумина, може да биде целосно непредвидлив. Екипажот ќе има потреба од големо количество храна, вода, воздух, ќе биде соочен со бестежинска состојба, изложен на одредено зрачење, а психолошките реакции може да бидат изненадувачки. Сите наведени и други технички проблеми мора да се разрешат во следните 15-20 години, а голем скок би било доколку во меѓувреме се конструира вселенско летало со барем неколку пати поголема брзина од денешната. До првата човечка мисија на Марс, ќе следат барем десетина роботски – ровер мисии, кои ќе дадат уште подетални податоци за планетата, а ќе извршат и одредени „подготвителни“ работи.
Едно е сосема веројатно. Можеби НАСА и нема да биде првата што ќе прати човечки екипаж на Марс, бидејќи во таа трка веќе се вклучуваат повеќе приватни организации, потоа држави како Кина, Русија, Индија, Европската вселенска агенцијаи др. Некои од нив дури планираат мисија со човечки екипаж до Марс само во еден правец. Исто така, јасно е дека бројот на човечки мисии на Марс, до средината на овој век ќе изнесува барем десетина, а до крајот на векот со сигурност ќе бидат изградени и првите трајни колонии или населби.
Извор: http://www.dailymail.co.uk/sciencetech/article-3024880
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 3256 пати!