Озонската обвивка постепено се обновува

15.09.2012

Деновиве, Светската метеоролошка организација и Програмата на ОН за заштита на природната средина, објавија извештај за состојбата со озонската обвивка на Земјата. Во извештајот изработен по повод 25 години од „Монтреалскиот договор за супстанци штетни за озонската обвивка“ се вели дека поголем дел од озонскиот слој ќе се обнови до 2070 година. Се очекува успешно обновување на озонската обвивка над Европа, Северна Америка, Азија, потоа над Австралија, Латинска Америка и Африка. Инаку „Договорот од Монтреал“ е потпишан на 16 септември 1987 година и до сега е ратификуван од 196 држави. Тој значително придонесе до намалување на производството и потрошувачката на штетните хемикалии (особено фреони) кои го уништуваат озонот. Во документот во чија изработка учествуваа околу 250 научници се нагласува дека обновувањето на најголемата озонска дупка која се наоѓа над Антарктикот, поради специфичните климатски услови во овој дел на светот, веројатно ќе трае до 2065 година.
Според податоците на НАСА, количеството, времето и положбата на истенчениот озонски слој во изминатиот век постојано се менуваше, но речиси константно најмала концентрација имаше над Антарктикот. Таквата состојба предизвика бројни проблеми и опасности за живиот свет на Земјата (секако и за човекот), поврзани главно со зголемениот продор на штетните УВ зраци до површината на планетата. Особено загрижувачки последици се се почестите појави на канцерогени болести на кожата на човекот, бројни други заболувања, пореметување на екосистемот и на климатската рамнотежа. Меѓутоа, најновите мерења покажуваат дека истенчувањето на озонскиот слој и проширувањето на озонските дупки во последната деценија е запрено, што главно се должи на доследно спроведување на договорот од Монтреал кој стапи на сила во 1989 година. Веќе во следните децении се очекува постепено обновување на озонскиот слој, намалување на бројот и големината на озонските дупки, како и намалување на последиците од претходните оштетувања на озонскиот слој.

Извор: http://www.rtcc.org/

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 6062 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *