19.12.2011. Автор: д-р Ивица Милевски. Во наредниот преглед се претставени некои географски факти за Македонија кои можеби не сте ги знаеле!
- Во Македонија, на така мал простор се застапени речиси сите видови на карпи и почви што ги има во Европа. Некои карпи во источниот дел на државата се извонредно стари – близу милијарда години! Исто така, во нашата држава се наоѓа можеби единственото европско наоѓалиште на рубини. Многу скапоцени камења што можете да ги видите во светските каталози се прокриумчарени од Прилепско. Странците го купуваат скапоцениот камен по багателни цени. Поради неупатеноста и желбата за заработка, кај прилепчани поминала приказната дека станува збор за минералот корунд и тоа од најниска класа. Рубини во Македонија има и може да се најдат во лежиштата на доломитските мермери како што е прилепскиот Сивец.
- Околината на Прилеп, посебно кај Сивец, претставува најголемо и најквалитетно наоѓалиште на бел мермер во Светот! Дневно од овде се извезува меѓу две и три илјади квадратни метри мермерни финални производи во Грција, во Саудиска Арабија, Африка, Австралија, САД, Јапонија и во други континенти и земји. Секој ден од Прилеп за светот патуваат најмалку три шлепери со непреработени грамадни мермерни блокови, а секој блок е тежок меѓу дваесет и триесет тони. Нивната крајна адреса се скулпторски ателјеа или мини-фабрики за производство на украсни фасади, подиуми и ѕидови на многу сакрални христијански и муслимански верски објекти и галерии и најразлични мали фигури од овој постојано студен и светол камен. Белиот Град, наоѓалиштето на мермер – Сивец, на североисточниот дел на Прилеп, има импресивна и мистична креација. Низ светлите заслепувачки бели ходници под отвореното темно сино небо, движењето на посетителот е по бели комплекси мермерни блокови, високи и шеесет метри. Тоа што може да се доживеат во Сивец крај Прилеп ретко се доживува некаде во светот.
- Македонскиот рудник “Алшар” на планината Кожув е единственото позначајно наоѓалиште на лорандит и талиум во светот. Од 2008 год. рудникот е прогласен за споменик на природата и дел од мрежата на “Емералд” – мрежата за заштита на природните реткости. Во јавноста со децении кружат и неверојатни приказни за интересот на странските разузнавачки служби за Алшар. Тие сметаат дека со негова помош може да се прават експерименти за истражување на вселената што е во интерес на нивните вселенски програми. Со употреба на лорандитот може да се регистрираат најстарите процеси во вселената. Поради реткоста, лорандитот од Алшар е извонредно скап и баран минерал.
- Јужно од Свети Николе се јавуваат таканаречени бели солени почви: солонец, солоѓ и солончак, кои главно се застапени по руските степи. По површината имаат тенка солена кора, особено впечатлива во летниот период. Во Гевгелиско пак (кај с. Ѓавато) има појави на интересни песочни почви или ареносоли!
- Македонија е меѓу земјите што има најмногу планини во однос на површината: 38 планини на 25.713 км кв. или по една планина на околу 700 км кв. Од тој број 12 планини се повисоки од 2000 м, а 5 пак од нив се повисоки од 2500 м. Ако се наредат сите планини една врз друга, нивната височина ќе достигне 65 км, а само оние над 2000 м заедно се високи 31 км!
- Во Македонија има многу добро сочувани остатоци од 30-тина вулкани во североисточниот дел на државата и тоа од Кокино на север до Кочани на југ. Во близина на Злетово, поточно кај с. Лесново е еден од најдобро сочуваните кратери (калдери) на Балканот и пошироко. Најголем дел од овие вулкани биле активни пред десетина милиони години, со спектакуларни експлозивни ерупции! Слични остатоци на вулкани има од Кавадарци до границата со Грција, а Витачево е меѓу ретките во Европа висорамнини од вулканско-ерозивен тип!
- Земјотресот што се случил во 1904 година кај Пехчево имал магнитуда од 7,8 степени по Рихтер и 10 степени по ЕМС и до сега е најсилен забележан земјотрес на Балканот и меѓу посилните во Европа. Всушност, во Македонија има повеќе земјотресно активни зони бидејќи овие подрачја од земјината кора се вклештени помеѓу големата Европска (Евроазиска) континентална плоча на север, Африканската плоча на југ и 2 помали плочи на исток и запад.
- Во Македонија се утврдени неколку стотици пештери и јами (пропасти). Во внатрешноста на пештерата Ѓоноица или Убавица кај Гостивар има подземен водопад и подземна река. Под водите на вештачкото езеро Матка пак е откриена една од најдлабоките подводни пештери во Европа (Врело), до сега истражена до длабочина од 212 метри! Отворот на пештерата Пешна пак кај Македонски Брод е меѓу најголемите во светот! Неодамна откриената Словачка јама близу врвот Солунска Глава, според досегашните истражувања е длабока 600 метри, а се очекува да биде многу подлабока, поточно меѓу најдлабоките во овој дел на Балканот!
- Македонија е меѓу ретките земји со толкаво шаренило на климата на растојание од стотина километри: од Гевгелија и Дојран каде климата е топла, изменето медитеранска, до високите планински подрачја каде има студена алпска клима. Беровско и Кривопаланечко имаат континентална клима, а Охридско-Струшкиот регион има умерена клима со езерско влијание. Најниската забележана температура во Македонија е -31 степен во Берово и Битола, а највисоката е 45 степени (на сенка) во Демир Капија или екстрем од 76 степени! Според количеството на врнежи од околу 300-400 мм годишно, подрачјето на Градско е меѓу најсушните во Европа! Во Тетовскиот, Гевгелискиот, Беровскиот и други краишта се случувало половина од таа годишна количина да наврне за само еден ден (1962, 1979, 2010)!
- Покрај десетината, за наши услови поголеми реки како Вардар, Црна, Брегалница, Треска, Црни Дрим, Струмица, Пчиња и др., во Македонија има уште стотици помали рекички, потоци, повремени и периодични водотеци. Нивната вкупна должина е околу 20.000 км! Воедно, Македонија има и околу 70 природни езера: тектонски или котлински како Охридското, Преспанското, Дојранското, потоа 30-тина глацијални, десетина пештерски, неколку карстни, 3 мочуришни, неколку свлечишни и други. Од нив, Охридското е меѓу најстарите и најдлабоките во Европа (288 м), со голем број на ендемични видови. Македонија има голем број на топли, односно термоминерални извори, од кои 8 се користат како бањи. Кочанската и Струмичката котлина се особено богати со подземни топли води, односно со геотермални лежишта!
Автор: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 11546 пати!