13.07.2018
Во месец јули 2018 година, тим научници од Унгарија предводени од д-р Жофиа Рускицај-Рудигер, потоа д-р Золтан Керн, д-р Балаж Мадарас и д-р Марјан Темовски, заедно со д-р Ивица Милевски (од ПМФ-УКИМ, Скопје), изведоа 5-дневни детални теренски истражувања на северниот високопланински предел на Јакупица (Мокра). Истите се во рамките на проектот насловен „Геохронологија на глацијални форми и пештерски седименти во Македонија и импликации за квартерниот развој на релјефот во централниот дел на Балканскиот Полуостров“ финансиран од унгарскиот национален фонд за наука. Со проектот се опфатени неколку високи планини во Република Македонија (Јабланица, Јакупица и Шар Планина), со што ќе се добие подобра слика за глацијалните фази во изминатите неколку стотици илјади години на територијата на Македонија.
Со последните повеќедневни истражувања, извршена е детално геоморфолошко картирање и интерпретација на трагите од глацијалниот релјеф во изворишните долински делови на Салаковска Река, Кадина Река и нејзината притока Јуручка Река, потоа на Бегово Поле, Враца и Убава. Од прелиминарниот преглед е јасно дека високите делови на Јакупица (Мокра), над 1700 метри, до пред 10-12 илјади години, во повеќе фази биле зафатени со силна глацијација, која оставила јасни траги во вид на циркови, мошне големи моренски возвишенија, валови (посебно во долината на Кадина Река) и др. Едновремено, при теренската работа беа собрани тенки примероци од површината на внимателно избрани моренски блокови, главно во долината на Кадина Река, потоа по дната на цирковите околу Салаковски Езера и во изворишните делови на Јуручка Река. Собраните примероци ќе послужат за прецизно датирање на нивната старост базирано на космогени радиоизотопи, што пак значително ќе помогне во реконструкцијата на глацијалните фази и глечерите кои егзистирале на оваа планина до пред околу десетина илјади години. Анализите на староста ќе се вршат во соработка со Институтот за геолошки и геохемиски истражувања во Будимпешта.
Инаку, како подготовка кон споменатите истражувања, во месец мај од страна на д-р Ивица Милевски и д-р Марјан Темовски беа извршени првични теренски проспекции на глацијалните траги на северниот дел на Јакупица (Мокра). Целта беше проверка на општите морфолошки карактеристики со посебен осврт на глацијалните траги, распространетоста и карактеристиките на глацијалните седименти, нивниот литолошки состав и соодветност за утврдување на староста со примена на методата на космогени радиоизотопи.
Мајските и јулските истражувачки теренски активности на Јакупица можат да се оценат како доста успешни, а за тоа помогна и релативно убавото време (кое на овој простор знае да е многу променливо и со чести непогоди). Како куриозитет, да споменеме и дека само за 5-те дена (4-8 јули), низ истражуваниот простор вкупно беа препешачени 62 км, со висинска денивелација од 2700 метри.
На крај да укажеме дека споменатите истражувања се резултат на воспоставената соработка помеѓу Институтот за географија при ПМФ (УКИМ) во Скопје и Истражувачкиот центар за изотопска климатологија и истражување на животната средина при Институтот за нуклеарни истражувања во Дебрецен, Унгарија, а во дел од истражувањата се вклучени и Институтот за геолошки и геохемиски истражувања во Будимпешта, Унгарија. Првите резултати од истражувањата, се очекува да бидат објавени во текот на следната, 2019 година.
Автори: д-р Марјан Темовски и д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 6896 пати!