Лесново и Лесновскиот кратер-природна и духовна убавина!

4.01.2012.

Селото Лесново е се наоѓа во североисточниот дел од Република Македонија. Тоа е единствена населба во Република Македонија што лежи во јасно изразен и сочуван фосилен вулкански кратер и меѓу најстарите села кое не ја променило својата положба со векови! Името на селото потекнува од зборот лес, што значи шума. Всушност, во минатото овој простор бил густо пошумен, па се смета дека од таму и името. Административно селото Лесново припаѓа на општината Пробиштип. Сообраќајно е релативно добро поврзано со тесен асфалтен пат до градот Пробиштип (13 км) на запад и до селото Злетово (8 км) на југ. Оддалеченоста од главниот град Скопје изнесува околу 120 км или 2 часа возење.

Селото Лесново, кое има околу 40-тина жители, лежи точно во централниот дел на кратерот наречен „Лесновски“ според името на самото село, на околу 900 м надморска височина. Всушност, поради таквата уникатна положба во однос на истакнатата вулканска купа и кратерот, селото е многу интересно и надалеку познато.

Лесновската купа и кратерот на врвот се наоѓаат во западниот дел на Осоговските Планини, помеѓу Пробиштип и с. Злетово. Тоа е меѓу најдобро сочуваните фосилни (изгаснати) вул­кански кратери не само во Република Македонија туку и на Балканскиот Полуостров. Површината на целата структура е 12 км кв., а пречникот околу 4 км. Лесновската купа има стрмни страни и над околниот релјеф се издига за 400 м. Особено јасно е изразена од јужната и југозападната страна. Од источната страна е стрмно пресечена со долината на Злетовска Река, а од западната со долината на Добревска Река. Кратерот на врвот од купата пак, има пречник од 1.5 км и длабочина во средишниот дел од 150-200 м. Околу центарот на кратерот прстенесто се распоредени 7-8 купести ридови, односно вулкански некови (чуки). Од нив највпечатлив е северниот рид Илин Крст (1127 м), кој веројатно бил главен вулкански центар, од каде избивало најголемо количество на лава и вулкански материјал. На јужната и источната страна се издигаат уште 3 изразити рида: Св. Троица (1012 m), Нушева Чука или Горно Брдо (1025 m) и Гумички Рид (1048 m). Низ средишниот дел на кратерот, во правец североисток-југозапад, тече малата Лесновска Река, која ја пресекува западната рамка на кратерот. На местото на пресекот, долинката на оваа рекичка е многу интересна, стрмна и со голем број на дупки (пештери) по страните. Вдлабнатините и дупките во карпите во најголем дел не се природни, туку направени од човекот, кој го вадел квалитетниот, цврст вулкански камен, од кој изработувал воденички камења. Всушност, селото Лесново со векови било познато по изработка на многу квалитетни и барани воденички камења.

Инаку, познатиот географ Цвијиќ, Лесновскиот кратер го споредува со стариот кратер на Етна, “Вале Дел Бове”. Сепак, мора да се напомене дека во активниот период, односно пред околу 25-30 милиони години, Лесновската купа била многу повисока, а кратерот со поинаков изглед. Вулканот на овој простор се одликувал со силни, експлозивни ерупции, проследени со исфрлање на големо количество на пепел, гасови и густа, тестеста лава. Затоа во околината има значителни наслаги на туфови, траги од течење на лава, а има и појави на вулкански бомби. Долготрајната ерозија по завршувањето на активниот вулкански период, условила снижување, засекување и засипување на целата појава, која и покрај толку милиони години е релативно добро сочувана. Секако и денес вулканските карпи на овој простор (дацитски игнимбрити), се изложени на ерозивни процеси, при што во релјефот се создаваат бројни мали денудациони форми (остенци, чашки, стапалки и др.). Поради тоа што е еден од најсочуваните, но и најкарактеристични кратери во Македонија, Лесновскиот кратер е прогласен за споменик на природата и се наоѓа на списокот на геолошките раритети на Заводот за заштита на природните реткости.

Освен уникатните геолошко-релјефни карактеристики, селото Лесново има и многу други атрактивности. Имено, овој простор има мошне пријатна клима, особено што се наоѓа на границата од умерено-континентална и планинска клима. Се одликува со свежи лета и благи зими и во комбинација со чистиот планински воздух и големиот број (2400) сончеви часови во текот на годината, претставува природна воздушна бања која многу поволно делува на здравјето на луѓето. Претходно споменатата Лесновска Река е од големо значење за селото и за вековниот опстанок на луѓето во него, а покрај неа во близина е поголемата Злетовска Река со бројни брзаци и чисти планински води. Во селото Лесново има пет прекрасни чешми, изградени во традиционален стил и со природен материјал кои претставуваат атракција за посетителите.

Селото Лесново има бројни културно-историски и духовни атрактивности. За староста на селото зборуваат сочуваните траги во атарот на селото како што се пештерските цркви пештерските испосници. Во селото Лесново постоело едно од најстарите училишта во Македонија основано во XI век. Во периодот помеѓу X и XIV век во Лесново е создадена големата Лесновска Лавра, позната како најголема монашка република на Балканот. Како големо духовно христијанско светилиште, во кое значајно место има манастирот св. Гаврил Лесновски, постојат и повеќе од 20 верски објекти разместени на прекрасни природни локации, во околината на Лесново. За разлика од многу други села, Лесново во текот на целото Османлиско ропство ја нема сменето сегашната локација.

Заради прекрасната, уникатна природа и културно-историските и духовните вредности, интересот за посета на Лесново е се поголем, како од домашните, така и од странските туристи. Во тој правец треба да се зголеми заинтересираноста на локалното население за остварување на приход од туризмот, потоа да се зголеми сместувачката и севкупна туристичка понуда, да се подобри сообраќајната врска со соседните градови и со Скопје, како и посоодветно информирање и маркетинг. Едновремено, потребно е максимално да се заштити просторот од деградација, оштетување или уништување на одредни објекти, како што беше ископот на камен од рамката на кратерот пред 3-4 години, заради изградба на игралиште за туристи зад Лесновскиот Манастир (кои сигурно не доаѓаат во Лесново заради футбал или сл.).

Како и да е, искористете некоја можност и посетете го овој уникатен спој на природни, културно-историски и духовни вредности. Без оглед дали е тоа во зима, пролет, лето или есен, верувајте ќе имате прекрасен, незаборавен впечаток!

Литература:

Милевски И. (2005): Палеовулкански релјеф во западниот дел на Осоговскиот Масив. Географски разгледи бр. 40. Скопје стр. 47-67
Milevski I. (2010): Geomorphological Characteristics of Kratovo-Zletovo Palaeovolcanic Area. Proceedings of the XIX Congress of CBGA-2010, Thessalonica, Greece, 475-482
Милевски И. (2011): Значајни геоморфолошки локалитети на Осоговскиот планински масив. Билтен за физичка географија 7-8, Институт за географија, Скопје, 29-44
http://mk.wikipedia.org/wiki/Лесново

Автор: д-р Ивица Милевски, ПМФ, Скопје

Оваа статија е прочитана 12560 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *