Утре доаѓа пролетта

19.03.2012

По доста студената зима, утре (вторник, 20.03.2012) во 6 часот и 14 минути стигнува пролетта. Утрешниот ден на северната хемисфера е пролетна рамноденица, односно денот и ноќта траат подеднакво по речиси 12 часа. Всушност поради влијанието на атмосферата и прекршувањето на сончевите зраци низ неа, денот ќе трае за околу 15 минути подолго. Интересно е што во моментот на почетокот на пролетта, сонцето ќе биде во соѕвездието Риба (иако тоа нема да може да го набљудуваме), а Месечината во соѕвездието Водолија. Сонцето утре ќе излезе околу 5 часот и 40 минути точно на исток, а ќе зајде околу 17 часот и 50 минути точно на запад. Доколку имате можности, овие моменти можете да ги набљудувате и доживеете на особен начин на  Кокино од централната платформа.
Пролетта завршува на 21 јуни, кога во 1 часот и 08 минути на северната полутопка почнува летото, а овој ден е познат како летен солстициум или летна долгоденица. Значи од утрешните нешто повеќе од 12 часа, постепено до 21 јуни денот ќе се зголемува до 15 часа, а ноќта ќе се намали на само 9 часа. Во исто време, додека на северната хемисвера утре почнува пролет, на јужната пак започнува есента и таму ноќите ќе стануваат подолги од деновите исто така до 21 јуни. За причините за промена на годишните времиња, повеќе можете да видите овде.

Инаку оваа зима ќе остане запаметена како една од постудените и поснежните во последните 20-тина години. Така, минималните температури на воздухот во некои места во Македонија забележаа вредности и до -27 степени целзиусови (Битола), а во повеќе места се спуштија под -20 степени. Не само што ниските температури траеа подолго, туку имаше и пообемни врнежи од снег. На некои планински, но и пониски котлински места снежната покривка достигна значителна дебелина. Особено ќе останат запаметени снежните наноси на Кожуф, делови на Јабланица, Бистра, Пелистер и други планини високи речиси до 2 метри. Од друга страна, моделите на климатски баланс предвидуваат релативно топла и не толку врнежлива пролет во овој дел од Европа. Како и да е, следните 3 месеци може да уживаме во пријатните пролетни денови.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 6577 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *