Денес на северната хемисфера календарски започна летото!

21.06.2021

Денес, на 21 јуни 2021 година, во 5 часот и 32 минути, на северната хемисфера, а воедно и во Македонија започна летото. Летото ќе трае 94 дена, а ќе заврши на 22 септември кога ќе започне есента. Поради поставеноста на Земјата кон Сонцето, на северната хемисфера, денес (понеделник) ќе биде најдолгиот ден во годината, познат како долгоденица или летен солстициум, а на јужната хемисфера, пак, ќе биде најкраткиот ден.

Така, Сонцето во Скопје, главниот град на Македонија, изгреа во 4 часот и 58 минути, а ќе зајде во 20 часот и 13 минути. Денот ќе трае цели 15 часа и 14 минути, а ноќта само 8 часа и 46 минути. Веќе од вторник (22.06), деновите ќе почнат да се скратуваат за по околу 2-3 минути, а за сметка на тоа ќе се зголемуваат ноќите и тоа до зимскиот солстициум (зимска краткоденица). Поради елипсоидната форма на Земјата, должината на најдолгиот ден и најкратката ноќ се различни одејќи од екваторот кон половите, а различни се дури и во нашата држава. Така, во најјужните делови на Македонија (во правец на Битола), денот ќе трае 15 часа и 8 минути, а во најсеверните делови (над Крива Паланка) ќе трае 15 часа и 16 минути. На екваторот, денот и ноќта ќе траат подеднакво по 12 часа. На северниот пол, пак, денот веќе трае непрекинато 6 месеци, а на јужниот пол со слично траење од 6 месеци е ноќта. Летото ќе трае 93 дена и ќе заврши на 22 септември (по средноевропоско време кое е официјално и во Македонија), кога на северната полутопка ќе почне есента.

Првиот летен ден во Македонија, според прогнозата е сончев, со мала облачност и слаб, претежно северен ветер. Попладне на планините некаде ќе има умерено наоблачување. Максималната температура ќе се движи од 27 до 32 степени, а УВ-индексот ќе има вредност 11 (доста ризичен).

Прогнозите укажуваат дека особено топло ќе биде веќе од почетокот на јули. Во средината на август ќе има чести појави на жешки воздушни бранови и само неколку дождливи денови.  Во северниот дел на Европа, летото ќе биде просечно топло, врнежливо и со чести временски непогоди. Овие прогнози се во согласност со проценките за климатските промени на стариот континент. Затоа планирајте каде и како ќе се разладувате, но воедно внимавајте на претераната изложеност на високите температури и УВ зрачење, кое често ќе се искачува над ризичниот индекс 9!

Извори:

  1. www.accuweather.com
  2. www.timeanddate.com/astronomy/republic-of-macedonia/skopje

Автори: Бојана Алексова и проф. д-р Ивица Милевски – Институт за географија-ПМФ

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *