30.09.2020
Геолокалитетот „Кукица“ кој се наоѓа во североисточниот дел на Македонија се одликува со уникатна појава на истакнати земјени пирамиди. Поради својата атрактивност, тој во минатото, а особено денес, е се почесто посетуван од љубителите на природата, односно туристите. Значењето на Куклица е очигледно ако се има во предвид дека вака добро изразени појави на земјени пирамиди во вулкански карпи, се вистинска реткост дури и во светски рамки. Од тие причини, во последните години драстично се зголеми интересот за посета на овој локалитет, кој во меѓувреме, законски беше прогласен за Споменик на природата. Сепак, како што се зголемува интересот за посета на Куклица, така расте опасноста од негова деградација, што пак ја налага потребата за негова поефикасна заштита и управување.
Токму за таа цел, на Институтот за географија при ПМФ во Скопје, под менторство на проф. д-р Ивица Милевски, а од страна на кандидатот Бојана Алексова, беше изработена и одбранета дипломска работа во која се презентирани неколку современи методи и техники за аеро-мониторинг на геолокалитетот „Куклица“. Меѓу нив, особено значење е дадено на т.н. дронски мониторинг. Дронскиот гео-мониторинг, претставува низа на претходно дефинирани постапки, со кои се собираат фотографии, видео снимки и се изработуваат модели на даден локалитет, со кои може да се идентификуваат формите и да се следат промените на појавите од интерес.
За таа цел, во периодот мај-септември 2020 година, преку теренски посети на кандидатот, но и од дигиталниот модел и ортофото снимка направени од дронски аеро фотографии (преку софтверот Agisoft PhotoScan), е извршена инвентаризација и временско следење на состојбата на формите (куклите), како и на опфатот, големината, застапеноста на антропогените интервенции во просторот. Со оглед на високата прецизност на моделот и ортофотото добиени во постапката (од само 10 см), направено е издвојување на сите помаркантни „кукли“ и прецизно утврдување на нивните морфометриски елементи. Постапката е изведена со користење на релативно едноставниот софтверски пакет Global Mapper, во кој е можно набљудување на просторот од различни агли и положби.
Ваков пристап се смета за релативно нов и сеуште во светски рамки е во подем, заедно со дронската технологија, која е пошироко присутна не повеќе од десетина години. Покрај заштитата и зачувувањето на Куклица, целта на дронското снимање и мониторинг е негова поголема промоција, виртуелна презентација, изработка на фотореалистични 3D модели и др. Со тоа Куклица ќе го добие местото кое го заслужува, а ќе се води повеќе смета за одржливиот туризам кој ќе има минимален импакт врз геовредностите на овој простор. Исто така, мониторингот ќе придонесе за димензионирање на антропогените активности и сите видови на зафати во одржлива мерка, односно без да предизвика неповратна штета врз локалитетот.
Впрочем, добар пример за функционален мониторинг и заштита е примерот со геолокалитетот Ѓавоља Варош во соседна Србија, кој по своите карактеристики е сосема сличен со Куклица (види подетално). Освен извонредна вклопеност на сите објекти, патеки, инфаструктурни содржини во природната околина, на локалитетот се поставени инструменти за перманентно следење на интензитетот на ерозија, метео-климатските елементи, промената на вегетацијата и слично.
Со оглед на исклучителната вредност на Споменикот на природата “Куклица” кај Кратово, како редок природен комплекс на маркантни земјени пирамиди со високо научно, образовно, туристичко и културно значење, неопходна и целосно функционална заштита, надгледување и следење на формите и појавите, како и сите евентуални промени кои може да доведат до забрзана деградација. Се надеваме дека применетиот пристап на аеро (или дронски) мониторинг, презентиран во трудот на Алексова, ќе биде солидна појдовна основа не само за Куклица, туку и за другите вредни, а „ранливи“ геолокалитети во Македонија.
Автор: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 3334 пати!